Тренерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола, вчера на прес-конференција ги бранеше своите изјави на кои ги осуди глобалните конфликти, со посебен акцент на војната во Газа.
Како што е познато, Гвардиола зборуваше на хуманитарен настан за состојбата на децата на палестинските територии погодени од војната во Газа.
„Кога гледам дете на фотографии и во медиумите како ја бара својата мајка закопана под урнатините, чувствувам дека сме го оставиле само – запоставено и заборавено. Детето прашува: „Каде си? Дојди и помогни ни“. А ние тоа досега не сме го направиле.“
На крајот, Гвардиола ја изрази својата солидарност со палестинскиот народ:
„Мора да се ангажираме, да се вклучиме и да се бориме за најслабите. Не само за Палестина, туку за сите хуманитарни прашања. Ова е изјава за Палестина и изјава за човештвото“, рече Гвардиола пред неколку дена.
Неговите зборови предизвикаа остри критики, особено кај членовите на еврејската заедница во Манчестер, кои го повикаа да се „фокусира на фудбалот“ и да биде повнимателен во изборот на зборови.
„Зошто да не го изразам она што го чувствувам, само затоа што сум тренер? Не се согласувам, но апсолутно ги почитувам сите мислења. Она што го кажав всушност беше: Колку конфликти има во моментов низ целиот свет? Колку? Многу – ги осудувам сите. Ако се убиваат невини луѓе, ги осудувам сите и не правам избор дека еден е поважен од друг – дека оваа земја е поважна од онаа“, рече Гвардиола, додавајќи:
„Ако си вклучен во фудбал, тогаш не зборувај за ова или она. Затоа светот молчи, тоа го сака светот, нели? Да молчиш, да не кажеш ништо. Мислам дека е сосема спротивно, но така е.“
The post Гвардиола го брани ставот за Палестина: „Тие сакаат да молчиме и да не кажеме ништо“ (видео) appeared first on Во Центар.



