Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, следната недела ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп, соопштија денеска од НАТО.
Во соопштението, што го пренесува АП, се наведува дека Руте утре започнува дводневна посета на Вашингтон, при што ќе се сретне со Трамп, американскиот државен секретар Марко Рубио и министерот за одбрана Пит Хегсет, како и со претставници од Конгресот.
Посетата на генералниот секретар на НАТО на Вашингтон доаѓа веднаш по објавата на Трамп за плановите за продажба на оружје на НАТО-сојузниците, кои потоа би можеле да го препратат во Украина.
Рубио во петокот изјави дека дел од оружјето произведено во САД, кое Украина го бара, е веќе распоредено кај НАТО-сојузниците во Европа.
Тој рече дека тоа оружје би можело да биде префрлено во Украина, а европските земји би купувале ново оружје од САД.
Францускиот министер за одбрана, Себастијан Лекорну, во интервју објавено денеска во весникот „Трибун Диманш“, изјави дека европските претставници изнесуваат аргументи пред администрацијата на Трамп за зајакнување на капацитетите за противвоздушна одбрана во сите идни пакети.
Тој додаде дека Франција се наоѓа во „недостаток на капацитети“ и дека ќе мора да почека до следната година пред да може да ѝ обезбеди на Украина нови ракети земја-воздух.