Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги отфрли обвинувањата од „ЗНАМ“ и советникот на Левица, Куцуловски, дека имало цензура на снимката од седницата на Советот, која во живо се пренесувала на јутјуб-каналот на општината.
Герасимовски тврди дека прекинот во преносот бил последица на технички проблем, односно прекин на интернет-врската, а не обид за прикривање на дел од седницата.
„Нема цензура таму каде што сè е јавно. Темата „Батурана“ не е ниту скриена, ниту нова. За неа јавно се дебатираше на седници на Советот и на јавна презентација, во присуство на граѓани“, наведува Герасимовски.
Тој посочува дека ставовите и изјавите на советниците во врска со темата се јавно достапни и дека ништо не било избришано или сокриено.
Според градоначалникот, претставувањето на техничкиот прекин на интернет-врската како цензура е „манипулација со јавноста“.
Герасимовски ги обвини „ЗНАМ“ и Левица дека од технички проблем се обидуваат да создадат политичка тема и дека, како што наведува, „глумат жртви“ за собирање политички поени.
The post Герасимовски: Нема цензура, туку политички театар, ЗНАМ и Левица глумат жртви и ја манипулираат јавноста appeared first on Во Центар.



