ГЕРБ на Бојко Борисов води на парламентарните избори во Бугарија

Според првичните изборни резултати кои ги пренесуваат бугарските медиуми, партијта на Борисов освоила 25,8 отсто од вкупниот број гласови на денешните избори за пратеници во бугарскиот парламент. Изразено во број на освоени мандати, ГЕРБ ќе има 73 пратеници во 240-члениот бугарски парламент

Партијата ГЕРБ на поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов е победник на предвремените парламентарни избори во Бугарија и на изборите за европратеници, покажуваат прелиминарните резултати од гласањето.

Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Според првичните изборни резултати кои ги пренесуваат бугарските медиуми, партијта на Борисов освоила 25,8 отсто од вкупниот број гласови на денешните избори за пратеници во бугарскиот парламент.

Второто место, како што јавува БГНЕС, е сè уште неизвесно и за него се борат коалицијата „Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија“ (ПП/ДБ) на Кирил Петков и Христо Иванов и Движењето за права и слободи (ДПС) со речиси еднакви резултати меѓу 15,4 отсто и 15,6 проценти од гласовите.

Националистичката партија Преродба на Костадин Костадинов останува на четврто место со освоени 14,2 отсто од гласовите, а по неа следат Бугарската социјалистичка партија (БСП) со 9 отсто и Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов со освоени 6,3 проценти од гласовите.

Според прелиминарните резултати од освоените гласови, ГЕРБ ќе има 73 пратеници во 240-члениот бугарски парламент, ПП/ДБ – 44 пратеници, ДПС – 42 пратеници, Преродба – 39 пратеници, БСП – 24, а ИТН – 18 пратеници.

По објавувањето на првичните изборни резултати, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, преку своите профили на социјалните мрежи се заблагодари за поддршката.

„Никој не постигнува успех без да ја препознае помошта на другите. Самоуверено ја признаваме оваа помош со благодарност. Благодарам, ГЕРБ! Ви благодариме на сите што нѐ поддржавте!“,

напиша Борисов во објава на Фејсбук.

Денешните парламентарни избори во Бугарија се шести предвремени за три години. Освен на изборите за пратеници во бугарскиот парламент, во земјата денеска се гласаше и на европските избори.

Пронајдете не на следниве мрежи: