Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул денеска се заложи за темелни реформи на Европската Унија и побара начелото на консензус при донесувањето одлуки за надворешнополитички и безбедносни прашања да се замени со мнозинско одлучување, како и да се усвои систем на постепена интеграција на земјите кандидатки во Унијата, пренесе Анадолу.
Во говор во Фондацијата „Конрад Аденауер“, блиска до владејачката Христијанско-демократска унија, шефот на германската дипломатија рече дека Европската Унија „мора темелно да се промени“, пренесоа германските медиуми.
„Најважната полуга за тоа“, според неговите зборови, е „побрзо донесување одлуки со квалификувано мнозинство“.
Тој рече дека Европската Унија мора да стане побрза, затоа што и светот забрзано се менува, и дека „ако Европската Унија не го направи тоа, ќе го направат други, а тогаш ќе настанат и нови формации на држави“.



