Германија го зголеми извозот во март

Германскиот извоз се зголеми во март во однос на претходниот месец, но за целиот прв квартал од годината забележа пад, покажуваат податоците на Федералниот завод за статистика „Дестатис“ (Дестатис), пренесе БТА, цитирана од ДПА.

Во однос на февруари, извозот на најголемата европска економија е зголемен за 0,9 отсто и изнесува 134,1 милијарди евра, што е за 1,2 отсто над нивото од март 2023 година.

Од јануари до март 2024 година, стоката произведена во Германија била извезена со вкупна вредност од 402,2 милијарди евра (422 милијарди долари). Тоа е за 1,1 отсто помалку во однос на истиот период лани, наведува и официјалната статистика.

Трговската размена со земјите партнери од Европската унија во првиот квартал е намалена за 0,6 отсто.

Најголемиот дел од германскиот извоз во март беше насочен кон САД, но расте и трговијата со партнерите од ЕУ, додава ДПА.

Неодамнешното зголемување на извозот, заедно со зголемените инвестиции во градежништвото, беше причината зошто германската економија во целина ја започна тековната година со благ раст, соопшти канцеларијата.

Во март се увезени стоки со вкупна вредност од 111,9 милијарди евра, што е за 0,3 отсто повеќе од февруари, но за 3,0 отсто помалку во однос на истиот период лани.

Според статистичкиот завод, увозот во Германија во првите три месеци изнесувал вкупно 331,8 милијарди евра – што е пад од 6,6 отсто во споредба со истиот период лани.

Пронајдете не на следниве мрежи: