Германските фризери протестираат поради тоа што германските фудбалери изгледаат сомнително добро потшишани за време на локдаунот.
Националното здружение на фризери денеска објавило отворено писмо до претседателот на Фудбалскиот сојуз на Германија, Фриц Келер, во кое наведуваат дека веруваат дека многу фудбалери се потстрижени иако фризерските салони не работат од 16-ти декември.
Во Германија на сила се строги рестрикции околу посетување на домаќинства за време на најновото заклучување поради пандемијата на коронавирусот.
Здружението навело дека видело фудбалери со дотерани фризури и бради, какви што можеле да направат само професионални фризери со професионална опрема.
Здружението наведува дека делувањето на фудбалерите ги охрабрува луѓето да ги убедуваат фризерите тајно да ги шишаат во време кога многу фризери губат голем дел од приходите.