„Сегашната состојба покажува колку е реална опасноста од руската шпионажа“
Шефот на германската агенција за внатрешно разузнавање предупреди на зголемените активности на руските тајни служби.
„Интересот на руското разузнавање овде во Германија не само што е непрекинат, туку се зголемува како што продолжуваат последиците од војната“, рече Томас Халденванг, шефот на Федералната канцеларија за заштита на Уставот, во интервју за германската новинска агенција ДПА.
„Сегашната состојба покажува колку е реална опасноста од руската шпионажа“, додаде Халденванг, алудирајќи на осомничениот двоен агент на германската тајна служба за надворешно разузнавање БНД, кој беше уапсен пред Божиќ.
Уапсениот се товари дека дал тајни информации на руска разузнавачка служба.
Халденванг истакна дека очекува Москва да се обиде да го надомести протерувањето на 40 руски официјални претставници кои Германија ги прогласи за персона нон грата.
Како реакција на започнувањето на војната на Русија против Украина на 24 февруари, многу европски држави протераа руски агенти, а Германија протера 40 членови на руската Амбасада во Берлин.
„Вложуваме големи напори за да спречиме други луѓе, кои можно е да се поврзани со руските служби, да дојдат овде во Германија“, рече Халденванг и додаде дека германската Влада ги заострила правилата за добивање визи.
Тој истакна и дека очекува масовно зголемување на руските кибернапади и таканаречените операции за влијание, вклучувајќи и кампањи за дезинформации и други методи насочени кон влијание врз јавното мислење, исходот од изборите или политичките одлуки во земјата цел.
AA