Героски предупредува дека главните помагачи на Боки 13 можат да избегаат, во вторник ќе ги обелодени нивните имиња

Новинарот Бранко Героски кој прв го разоткри случајот “Рекет“ сега бара истрагата да побрза и да внимава, затоа што како што предупредува главните соработници на Бојан Јовановски или Боки 13-ка можат да избегаат. Героски најавува дека во вторник, а ако се наложи итна потреба и поскоро, ќе ја обелодени нивната врска со лице од самиот врв на СДСМ.

Во постот на Фејсбук, Героски пишува:
“Пензионерката Лилјана Тодоровска за Телма го даде клучниот исказ за тоа како се испрани парите од градежните фирми ‘Пелистер’ и од ‘Дрим билдинг’.
Но, Лилјана Тодоровска не е перачот, туку луѓето кои биле со неа и кои веднаш и ги зеле парите. Очекувам Тодоровска итно да ги соопшти нивните имиња, за да ја намали или дури и да ја оттргне вината од себе.
Според моите сознанија, Фросина Ременски, исто така ги знае овие лица и ја знае шемата. Бидејќи таа најави дека ќе соработува со истрагата, очекувам отворено да ги каже овие работи.
Кој мисли да избега од фактите, гадно се зезнал!
Ќе почекам до понеделник, а потоа во вторник ќе ги соопштам клучните луѓе од Меѓународен сојуз кои учествувале во операцијата на перење пари. Се надевам дека истрагата ги следи и дека нема да им дозволи да избегаат од земјата, бидејќи, како што слушам, лицето кое е најважен соработник на Боки 13 веќе чистела документи од неговата канцеларија.
И нешто друго ќе објавам во вторник, ако истрагата и натаму продолжи да тапка в место – можеби само со псевдоними и референци, но лесни за препознавање, ќе ја кажам врската на клучните перачи на Боки 13 со лице од самиот врв на СДСМ.
За апологетите да не паничат, еве ќе ги смирам малку – не е Заев!
Се надевам и очекувам истрагата да биде побрза од мене.
До читање во вторник!

ПС. Ако се наложи итна потреба, ќе пишувам и поскоро. Ова одложување не е никаков маркетиншки трик, туку моја искрена желба истрагата да се истакне, а и во СДСМ да почнат со внатрешна лустрација во врска со овој случај“, напиша Геровски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.