Брод на грчката крајбрежна стража рано утринава испукал предупредувачки истрели кон брод на турската крајбрежна стража кој се обидел да го забие во источниот дел на Егејското Море, соопштија властите во Атина.

Во соопштението на грчката крајбрежна стража се наведува дека „екипажот испукал предупредувачки истрели“ и дека турскиот брод се повлекол кон турскиот брег.
Властите не соопштија дали има повредени или оштетувања на бродови за време на инцидентот, кој се случи југоисточно од грчкиот остров Фармакониси, пренесе АП.
Инцидентот се случи во време кога во последните три години се зголемуваат тензиите во односите меѓу Грција и Турција, кои се стари ривали иако се членки на НАТО алијансата.
Грчката крајбрежна стража соопшти дека нејзиниот брод бил во мисија да идентификува три турски рибарски чамци во грчките води во близина на Фармакониси.


