Точно е дека повеќето прават генерално чистење во домот за време на пролетта, но тоа што можеби не ви паднало досега на памет е дека есента е многу подобар избор за оваа активност, најмногу поради посвежиот и поладниот воздух. Идејата „чист простор – чист ум“ е тоа по што треба да се водите кога станува збор за отстранување на непотребните нешта што само ви сметаат и не ви дозволуваат да земете нови, подобри нешта што брзо ќе го најдат своето место во вашиот дом.
Па, доколку сте спремни за големо есенско чистење, еве на што треба да обрнете внимание:
1. Облека и обувки
Ако имате облека што не сте ја носеле повеќе од две години, големи се шансите дека никогаш повторно нема да ја облечете. Истото важи и за обувките. Тргнете настрана сè што не можете веќе да го замислите на себе и во што не се чувствувате добро и донирајте го. Исто така исфрлете ги сите скинати, оштетени парчиња облека или чорапи без пар.
2. Модни додатоци
Оштетените чанти што сте ги обожавале во средно училиште, но коишто не сте ги носеле од тогаш, како и евтината бижутерија што ја променила бојата и само ви зафаќа место во фиоките, се првите нешта што треба да завршат во кантата за отпадоци.
3. Стара козметика
Проверете го рокот на траење на сите производи и исфрлете ги оние чии рок е надминат. Ако сè уште ги користите, постојат шанси да си наштетите, па редовно водете сметка за нив. Истото важи и за лаковите за нокти што ја промениле текстурата и станала неупотребливи.
4. Кујнски производи
Мислиме на сите оние стари зачини што не се сеќавате кога сте ги купиле, како и за храната во замрзнувач што стои таму со месеци и чека да ја искористите. Исто така погледнете ги и садовите – ако има некои што се премногу оштетени за употреба или поради некоја причина едноставно не ги користите, но ги чувате за резерва, слободно исфрлете ги бидејќи гарантираме дека нема повторно да ги употребите.
5. Предмети и продукти за лична хигиена
Обрнете внимание на сите лосиони, гелови, креми и сапуни што ги користите во бањата. Ако има застарени, што ви останале поради некоја причина и веќе се засушиле, одма фрлете ги. Исто така ослободете се од старите пешкири што се крути и непријатни за да ослободите место за новите, што се нежни и меки.