Силно невреме ја зафати Хрватска. Силниот ветер што дуваше преку ноќта, направи големи штети на повеќе места. И утрово во Загреб дува силен ветер, при што се откорнати дрвја, а на некои места се подигнати и покриви. Поради невремето, откажана е и наставата во училиштата, објави Индекс.хр.
Силен ветер дува и на крајбрежјето, а на сила се забрани за одредени возила. Поради снегот и зимските услови за возење во Горски Котар и Лика, има ограничувања за камиони со приколки и трактори со полуприколки.
Највисокото, црвено временско предупредување е во сила во регионите на Загреб, Риека и Госпиќ и во Велебитскиот канал, додека портокалово-жолто временско предупредување е во сила во сите други региони поради опасни временски услови, првенствено поради силни ветрови и обилни врнежи од дожд.
За денеска хрватскиот Државен хидрометеоролошки завод (ДХМЗ) најавува претежно облачно и многу ветровито време, со локално обилни врнежи од дожд и снег во внатрешноста. Врнежи од снег се најавуваат на повисоките делови, а во Далмација се можни врнежи од дожд со грмотевици.
Од ДХМЗ велат дека ќе дуваат умерени до силни, а локално и урагански ветрови од север и североисток и поради тоа е издадено црвено предупредување за регионите на Загреб и Риека.
Силен до бурен северен ветер ќе дува на поголемиот дел од Јадранското Море.
Според пишувањата на хрватските медиуми, во текот на ноќта и утринава во Загреб дува силен ветер и има паднати дрвја, оштетувања на покривите и расфрлани ќерамиди, гранки и делови од огради на патиштата, додека некои семафори се нефункционални или навалени.



