На денешниот прв изборен митинг на Социјалистичката партија, одржан на плоштадот „Скендербег” во Тирана, големо беше присуството на Македонците.
Македонци од повеќе делови на Албанија, како и од Тирана, членови и симпатизери на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), која е во коалиција со социјалистите на Еди Рама, присуствуваа на митингот.
-Дојдовме да дадеме поддршка на коалицијата и на нашиот Васил Стерјовски, кој е единствен Македонец во трката за пратеник во целата земја. Тоа е златно дете, кое и до сега достоинствено не претставува и со сета сила се бори за нашите права, рече Вељо кој на митингот беше заедно со Фадил и двајцата по потекло од Голо Брдо, а сега живеат во Тирана.
Побараа од жителите на Мала Преспа и пошироко округот Корча да го дадат гласот за Стерјовски, за доброто на сите Македонци во Албанија.
-Не ни се потребни поделби, мора да бидеме обединети зашто само така ќе успееме да ги оствариме нашите легитимни права. Без размислување гласот треба да го дадеме за Васил, рече жител на Пустец, кој дошол на митингот.
Стерјовски со знамето на партијата кое гордо виореше во центарот на Тирана беше со кандидатите од ИЕ Корча, заедно со политичкиот раководител за оваа изборна единица, Нико Пелеши.
-Со труд, визија и посветеност – чекор по чекор – Заедно ја градиме иднината! Гласај со срце, избери со разум, порача Стерјовски.
Тој беше пратеник во претходниот состав на албанскиот парламент и е прв пратеник Македонец кој јавно се изјаснува она што е – Македонец.
Негова заслуга, покрај повеќето проекти за подобрување на условите за живот во регионите каде главно е сконцентрирано македонското малцинство, е и тоа што првпат се слушна македонскиот јазик во собраниската сала, кога се обрати на македонски.