Голем интерес за хуманитарната аукција во Кочани: Собрани над 1,8 милиони денари

Учесниците на аукцијата на уметнички дела од хуманитарната изложба за жртвите на пожарот во „Пулс“ покажаа голем интерес, а настанот се одржа синоќа во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани.

По едноминутниот молк за почит кон загинатите во трагичниот пожар, актерот Благој Веселинов ја водеше аукцијата, на која беа изложени околу шеесет уметнички дела од вкупно 140 понудени на изложбата.

На настанот на кој присуствуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и стопанственици, политичари, градоначалници, уметници и граѓани, беше нагласено дека целта е да им се помогне на сите кои се засегнати од трагедијата, за полесно да ги надминат последиците.

„Добро ќе беше никогаш да не се собереме за да прибираме финансиски средства и да помагаме на ваков начин. Уметноста и сликарството да нѐ споеја на поинаков начин, но секоја подадена рака во овој хуман настан за нас значи многу. Благодарение на сите, на учениците од Школата за цртање и сликање и на волонтерите кои се вклучија во организацијата, настанот дојде до степен на сериозност и ова е само почеток на еден пат за собирање средства што долгорочно ќе им се потребни на сите засегнати од овој пожар“, истакна Александра Димитрова, раководителка на Школата за цртање и сликање прио ЦК „Бели мугри“.

Аукцијата помина успешно и најголем дел од понудените уметнички дела дoбија нови сопственици и се продадоа по повеќекратно наддавање, при што за дел од нив беа понудени и по неколку десетини илјади денари. Највисок износ од 300 илјади денари беше постигнат за ликовно дело на уметникот Михаил Корубин.

Над 1,8 милиони денари (околу 30.000 евра) беа собрани на хуманитарната аукција на уметнички дела за помош на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, соопшти иницијативата „Support Kocani“.

Делата што не се продадоа на аукцијата, во соработка со Support Kocani, ќе бидат објавени во дигитална форма и ќе се понудат на електронска аукција, за да можат да учествуваат и наши граѓани од дијаспората, кои исто така покажале интерес да помогнат на овој начин.

Пронајдете не на следниве мрежи: