Голем пожар изби околу 13.30 часот по локално време во областа Саронида во источниот дел на регионот Атика на околу 50 километри од центарот на Атина, а со одлука на противпожарната служба се евакуираат домови што се наоѓаат во близина, jави дописничката на МИА од Атина.
Станува збор за област што не е густо населена, но има куќи што се наоѓаат во близина на пожарот.
Од надлежната општина, преку Фејбук упатија апел до граѓаните што се во близина на пожарот да ги напуштат домовите, а според грчките медиуми од бројот за итни случаи 112 била испратена порака до жителите на областа во која што изби пожарот.
Апел за евакуација, преку грчката телевизија “Скај“ испрати и градоначалникот на Сароникос, општината во која припаѓа Саронида.
-Ветерот е силен, со многу голем интензитет, пожарот гори и во населени делови. Ве молам помогнете ни и кажете да се евакуира областа, рече градоначалникот на Сароникос, Петрос Филипу, говорејќи за грчката телевизија “Скај“.
Со одлука на грчката полиција, затворен за сообраќај е дел од булеварот Атина –Сунио што поминува низ населбата зафатена од пожарот.
Во справувањето со огнените јазици учествуваат 42 пожарникари со 19 возила и четири хеликоптери од кои еден е за координација.
Во поширокиот дел на Атина, дува силен ветер што дополнително го отежнува гаснењето на пожарот.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.