Политичарката Санија Ахмети од швајцарската Либерална Зелена партија, по потекло од Босна и Херцеговина, се најде во центарот на скандал откако на социјалните мрежи објави дека ја користи сликата на Богородица која го држи Исус Христос како мета за пукање со пиштол.
По таа скандалозна објава на Санија Ахмети, муслиманка и советничка од Цирих, следеше бран осуди.
Имено, таа објави фотографија на која може да се види како пука во слика која според локалните медиуми е репродукција на средновековен италијански уметник преземена од илустриран каталог.
По низата негативни реакции, Санија Ахмети ја отстрани објавата и се извини.
Таа изјави дека ја користела сликата од каталогот затоа што „била вистинската големина и доволно видлива“ за да служи како мета.
„Не обрнав внимание на содржината на сликата“, тврди Санија Ахмети, признавајќи дека не била во ред и дека нејзината постапка била апсолутно глупава.
Неколку конзервативни политичари ги осудија постапките на Санија Ахмети и побараа таа да поднесе оставка. Некои од нив ја обвинија за поттикнување омраза кон христијаните и се заканија дека ќе преземат правни мерки.
Според РТ, членовите на семејството на Санија Ахмети дошле во Швајцарија како бегалци од Босна и Херцеговина во 90-тите години на минатиот век.