Недоличниот транспарент што навивачите на Партизан го истакнаа на синоќешниот дуел со Вардар во Белград (28-22), во рамките на ракометната регионална лига (СЕХА), го потисна спортот во втор план и наиде на силна осуда во македонската јавност по почувствуваната навреда на националните чувства.
Навивачката група „Гробари“ истакна транспарент со пораката „Група со српско име слави бугарски војник, мора да ви е тешко со таа идентитетска криза во главата“, упатен кон „Комитите“ што организирано го бодреа Вардар на гостувањето. Ваквиот скандалозен гест особено ги погоди Македонците во Србија.
– Не можам веќе да навивам за Партизан по ова што се случи. Замислете како им е на Македонците во Србија. За Партизан настапувале голем број Македонци, а и денес ги има во клубот. Како им е ним? Јас сум Македонец што цел живот навива за Партизан.
Најголем дел од Македонците во Србија навива за Партизан и се срамам од ова однесување на „Гробарите“. Тоа што го направија е непримерно, незаслужено и претставува говор на омраза – вели Горан Илиjевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.
Тој побара остра реакција за инцидентот од надлежните институции во Србија, спортското друштво Партизан, но и од целокупната тамошна јавност.
– Барам реакција од надлежните институции во Србија, како и ракометниот клуб и спортското друштво Партизан остро да го осудат и да се оградат од навредливиот транспарент на ракометниот натпревар.
Потребно е Партизан да го сосече во корен ваквото однесување, за веќе да не се повтори. Бидејќи се случи на меѓународен натпревар, барам реакција и од Европската ракометна федерација – категоричен е Илијевски.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.