Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска изјави дека е горд на својот син Хантер затоа што ја победил зависноста од дрога, во неговата прва реакција на пресудата на Хантер Бајден за три кривични дела поврзани со купување и поседување оружје додека бил зависник од дрога.
– Како што кажав минатата недела, јас сум претседател, но сум и татко. (Првата дама) Џил и јас го сакаме нашиот син и многу сме горди на човекот што тој е денес. Толку многу семејства имаа најблиски кои се бореа со зависност и го разбираат чувството на гордост кога ќе видат некој што го сакаат толку силен и издржлив во закрепнувањето, рече Бајден.
Американскиот претседател нагласи дека го прифаќа исходот од судењето и ќе го почитува судскиот процес додека Хантер размислува дали да поднесе жалба.
Поротата претходно го прогласи синот на американскиот претседател Џо Бајден, Хантер Бајден за виновен по сите три обвиненија во федерално судење за оружје, објавија денеска неколку медиум, цитирајќи новинари во судницата, пренесе ДПА.
Хантер Бајден беше обвинет за давање лажни изјави при купување оружје во октомври 2018 година и прикривање на неговата зависност од дрога во тоа време. Тој може да се соочи со затворска казна до 25 години и парична казна до 750.000 долари.
Сепак, не е јасно колку тешка казна ќе изрече одговорниот судија, бидејќи Хантер Бајден нема криминално досие.