Град Скопје додели 6 милиони денари помош за семејствата на настраданите во несреќата во Кочани. Вонредната седница на градскиот Совет, започна со едноминутно молчење за загинатите во пожарот, по што советниците едногласно ја изгласаат оваа одлука, а предвидените средства ќе се префрлат на сметката на Фондот за солидарност на Црвениот крст на Македонија.
Оваа помош е според моменталните можности и сметките на Град Скопје. Ние сме подготвени и во координација со градоначалникот Данела Арсовска и во координација со координаторите на советничките групи пред седницата донесовме заклучок во најскоро време да обезбедиме дополнителни сресдства за оваа намена, посочи претстедателот на Советот, Трајко Славески.
Финансиска помош најавија и општините Аеродром и Гази Баба.
Денеска, во координација со советниците, в. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, поднесе барање за одржување вонредна седница на Советот на Општина Аеродром на која ќе има само една точка за доделување 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во стравичната несреќа во Кочани. Силниот оган ја зави Македонија во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Сите се молиме за семејствата на починатите, а во срцата носиме верба и надеж дека повредените херојски ќе се изборат и ќе заздрават што е можно побрзо – соопштија од Аеродром.
Барање за одржување итна седница поднесе и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, која треба да се одржи денеска и на која треба да се доделат еден милион денари за семејствата на настраданите. Тој нагласи дека иако не постојат зборови за утеха, преку солидарност и хуманост може да се подаде рака на оние на кои најмногу им треба помош.
Општина Гази Баба пред само 9 години во 2016 година беше погодена од катастрофална поплава која нанесе голема материјална штета, а за жал однесе 22 човечки животи. Кога на нас ни беше најтешко, општините од Македонија но и од повеќе земји од светот беа хумани и солидарни со нас. Ние тоа не смееме никогаш да го заборавиме! – вели Стефковски.