Адвокатот на Артан Груби, Владимир Доневски, поднел жалба на одлуката на Кривичниот суд на поранешниот вицепремиер да му се определи притвор во траење од 30 дена. Груби минатата недела избега на Косово, непосредно пред полицијата да го претресе неговиот дом поради сомнежи за корупција и тргување со влијание во случајот со Државната лотарија. Барањето на Груби да му се укине притворот го потврдија од Кривичниот суд, од каде најавуваат дека во следните денови ќе донесат одлука.
Поранешниот директор на Државна лотарија, Прпарим Бајрами, кому исто така му е определен притвор од 30 дена, сѐ уште не се жалел, но неговиот адвокат Антонио Апостолски за „Телма“ вели дека побарал увид во предметот и дека ќе бара и укинување на мерката. Бајрами исто така е надвор од државата, а Апостолски тврди дека неговиот клиент не е избеган, туку речиси половина година живее и работи во друга држава, која адвокатот не ја открива.
По Груби и Бајрами е распишана меѓународна потерница. Тие се осомничени дека како функционери учествувале во проневера во Државната лотарија тешка осум милиони евра. МВР вчера соопшти дека Груби границата ја преминал на ГП „Блаце“, каде имал помош од полицајци кои биле на смена – едниот воопшто не го проверил и не го завел автомобилот со дипломатски таблички дека е излезен од државата, а неговиот раководител не ги наполнил батериите на камерите кои полицајците се должни да ги носат на униформите во текот на смената. Против двајцата МВР најави дисциплинска постапка.
Веднаш откако беше спроведена полициската акција, Груби се јави на социјалните мрежи, со ветување дека ќе се врати во државата. Оттогаш тој се нема огласено.