Поранешниот премиер и пратеник, Никола Груевски ни утрово не се појави во затворот во Шуто Оризари, каде треба да ја отслужува затворската казна од две години за предметот “Тенк“.
Вчера попладне надлежни лица се обидоа да му го достават решението за издржување на затворската казна, но неговата сопруга Боркица ги известила дека не е дома. Бидејќи решението мора да му се достави на рака од Кривичниот суд рекоа дека ќе се обидат тоа да го направат во понеделник, кога експремиерот треба да се појави на рочиште за случајот “Титаник“.
Вчера попладне Кривичниот совет ја потврди одлуката на судијата за извршување санкции за затворската казна на Груевски. Доколку судот утврди дека Груевски одбегнува да го прими решението, ќе се оди кон негово спроведување или распишување потерница.