КОМЕНТАР НА РЕАКЦИЈАТА НА ЉУБЧО ГЕОРГИЕВСКИ
Испровоциран од мојот ФБ статус со кој ги презентирав околностите под кои Георгиевски лобирал за мене на конгресот во Охрид во 2003 госина, Георгиевски утрово излезе со свој коментар, во кој во основа ги подржува моите искази и сведочења, но наведува забелешки во осум точки, на кои го давам мојот одговор, односно коментар.
Прво, неточно е дека сум имал некаква политика да не сакам да се занимавам со комитетите на партијата. Не постои ситуација кога било побарано такво нешто од мене, а јас сум го одбил.
Второ, тој вели дека сум претерувал со описот на молење. Напротив, сериозно го ублажив тоа, за да не го доведам во непријатна ситуација. Сепак сме биле заедно, сме работеле заедно, сме биле блиски, а јас секогаш внимавам на тоа, бирам зборови и постапки, дури и кога тој близок многу ќе ме изневери.
Понатаму Георгиевски вели дека тогаш сум се мислел помеѓу советник на српската влада и партијата.
Советничкото место беше краткорочен проект и нема логика да се мислам за тоа.
Тоа беше проект на УСА ИД во Србија со договор кој имаше почеток и крај. Впрочем, и одкако го превземав водството на партијата, во следните 5-6 месеци ги довршив моите обврски кон превземениот договор со повремени патувања во Министерството за финасии на Србија.
Превземањето на партијата беше комплетно менување на животните планови, превземање огромен товар, огромни ризици и многу голема одговорност, за кои секој зрел човек добро размислува и не носи лесни и брзи одлуки.
Ако ми било толку важно да владејам, како што алудира Георгиевски дека најтешко сум заминал од власт, ќе сум ја прифател одлуката веднаш, без одлагање. Јас во таа 2003 година веќе многу добро знаев што е власт, бидејќи 4 години бев во владата како министер најпрвин една година за трговија а потоа уште три години за финасии, бев и претседател на комисијата за хартии од вредност, а бев и актуелен пратеник и подпретседател на партијата.
Задржувањето на власт 11 години е резултат на многу работа и огромни обврски, но и резултати од таа работа, проекти кои работев да ги дотуркам до крај, реформи, намалување на невработеноста преку нови инвестиции и други активности, чии краен исход беше издигнување на Македонија, многу повеќе задоволни граѓани одколку пред и после тоа, победа на избори и добивање нов мандат во неколку изборни циклуси.
Јас сум човек кој многу внимателно се нафаќам на одредени одговорности, но ако веќе ги превземам, тогаш тоа го правам со неверојатна одговорност, висока совест, темелно, продлабочено и без импровизации.
Трето, вели дека ако не било неговото лобирање Ѓорчев сигурно ќе ме победел.
Не постои шанса Ѓорчев да ме победеше на тие партиски избори, бидејќи мене не ми паѓаше на памет да се кандидирам на тие избори за кои од Георгиевски дознав дека ќе ги има и барањето јас да се кандидирам и да го превземам водството на партијата.
Додека бев министер јас не градев позиции некогаш да го превземам водството на партијата. Немав групации, тајфи, не припаѓав во ниту една струја заради зголемување на мојата моќ. Се спротиставува секому борејќи се за најдобро решенија, и колку што паметам Георгиевски беше многу задоволен од тоа, иако погледнато лично од мој агол, така си создадов повеќе противници.
Немав план за толку долго да останам во политиката, што налагаше превземањето на функцијата претседател.
Одговорно си ги вршев обврските во владата, заради кои партијата политички многу профитираше, а Македонија имаше голем напредок во областа финасии и економија, што се рефлектираше на многу меѓународни ранг листи за реформи и други конкретни достигнувања, како светската банка, ЕБРД итн.
Впрочем и самиот Георгиевски во многу јавни настапи говореше за тоа, а во една прилика кажа во гостување на МРТВ: “Груевски повеќе работи и допринесува од пет министри на ДА”. Тоа беше мојот фокус, а не подготовка за превземање на водството на партијата.
Колку што следам со резултатите од тој мој фокус и денес е задоволен и се гордее Георгиевски.
Четврто, не се согласувам со Георгиевски дека повлекувањето од челното место на партијата беше нешто што единствено може да се нарече негова жртва.
При убедувањето тој освен што кажуваше дека смета дека веќе не може да победи на избори, трудејќи причини за тоа, јасно ми кажуваше дека веќе не сака и не може да се занимава со комитети, одења на терен, решавање сечии проблеми, расправање со разни незадоволници или меѓусебно раскарани итн. Дека едноставно нема веќе сили за тоа. Дека му е преку глава од тоа, дека веќе му “се гади од тоа”.
Но, и дека не му е сеедно кому ќе ја остави партијата која ја градел. Дека не сака после него партијата да пропадне, напротив. Правеше компарации помеѓу мене и некои други можни претседатели на партијата кои ќе се воздржам да ги објавувам, но сѐ заедни поедноставено приказната беше: “ниту ќе победам, ниту имам сили и желба да продолжам на оваа позиција. Ако ти не прифатил со било кој друг партијата ќе оди надолу и ќе реди неуспеси кои можат и да ја уништат”.
Правеше компарации со начинот како постапувале римските императори кога одредувале наследници, понекогаш доколку немале многу способен син за наследник, дури и посвојување синови, за да не пропадне тоа што го граделе, алудирајќи на иднината на партијата после него.
Георгиевски повикува да сум направел споредба со моето повлекување.
За моето повлекување тој уште ништо не знае. Нека го поживее господ, еден ден ќе дознае и ќе види дека нема место за споредба, независно дали била жртва како што вели тој, или презаситеност причината за неговото повлекување во 2003 година.
Петто, партијата ми била дадена на тацна. Демек поклон сум примил. Примив поклон кој веднаш го одбив и кој во тој момент беше тежок товар кој не го барав или посакував, многу голем товар, со многу проблеми и тогаш и во иднина.
Нормално, одкако по долги дискусии и убедувања го примив и се нафатив да го работам тоа, полека се друго ставив во втор план, за заеднички успех на сите, не само во партијата туку пред сѐ во Македонија.
Анкетата на ИРИ во тој момент беше со подршка од 8% за ВМРО-ДПМНЕ, а 31% за СДСМ. Тоа беше стартната позиција дадена на тацна.
Не ги потценувам капацитетите на партијата и нејзиниот силен бренд, но за тоа да се крене, требаше многу откажувања, кои според неговите кажувања, Георгиевски веќе не беше подготвен да ги дава.
Ќе се воздржам да ги објаснувам состојбите кои ги наследив во комитетите, финасиската состојба или некои други детали.
Шесто, јас не сакав да му правам цензус на Црвенковски, туку да го победам! Или ако се случи да загубам тоа да биде чесно без да создавам криза во државата.
Државата е поважна од партијата.
Никогаш не сум подржувал бојкот. Тоа не е политика.
Политиката е натпревар а не бојкот. На што ќе личи државата ако секоја партија ако губи или не е и сигурна победата прогласи бојкот?
А тоа токму тоа беше барањето на Георгиевски. Да сме направиме бојкот, ќе пропаднале изборите и ќе се создала политичка криза.
Го прашав, а што потоа? Не мислиш ли дека на новите избори по два месеци може уште повеќе да загубиме како казна од народот кој гледа што правиме? Одговорот беше дека ако губиме пак ќе направиме бојкот и со тек на време таа криза ќе оди на конто на СДСМ, па така во еден момент тоа ќе дојде во наша полза.
Благодарам на советите, но јас таква политика не сакам да водам!
Се што може да е штета на државата заради подобар резултат на партијата не ми е прифатливо. И ќе биде казнето од граѓаните.
Додатно што мислев, а и денес мислам, дека бојкотот и евентуално понатамошни бојкоти, ќе водеше кон пропаѓање на партијата.
Тоа немаше да остане неказнето од народот за неговото малтретирање, застој во државата, огромни финасиски трошоци и газење на неговата воља.
Но, ни тоа не беше причина за расколот. Во име на мирот и единството во партијата бев спремен и по сите упади и проблеми кои ги направи Георгиевски да преминам и да продолжиме.
Но следуваше седница на извршниот комитет во која како што и претходно бил редот, морав да приложам анализа за поразот на изборите која потоа требаше да оди на централниот комитет и да ги наведам и образложам причините.
Во анализата имаше наведени околу 16-17 причини. Некои поголеми, некои помали.
Не сакајќи да правам судири, повикот на почесниот претседател за бојкот на изборите спротивно на ставот на раководството на партијата, го ставив “срамежливо” на 13 место, “изгубено” помеѓу точките. Колку да се спомне…
Секако на прво место беше масовниот фалсификат со полнење кутии во вториот круг. Но, реално на второ место требаше да биде не примерниот чекор на Георгиевски, кој од мене всушност бараше јас да ја носам одговорноста а тој да ги носи одлуките.
Тогаш повеќето членови на ИК кои подоцна заминаа во ВМРО-НП ја прекина седницата незадоволни што воопшто било спомнато Макар и во една реченица името на Георгиевски и заминаа, а потоа со добиена инструкција од Георгиевски се вратија да бараат моја оставка.
Така започна расколот. Не за цензусот, туку за спомнувањето на Георгиевски на маргините на анализата за поразот на изборите.
Тогаш ја одржав прес конференцијата на која кажав дека во последните денови од кампањата се движев со чувство дека имам забоден нож во грб. И така беше!
Седмо, Георгиевски, Војо Михајловски и Ламбе Арнаудов најдобро си знаат дали од Георгиевски било дадено повод или не за да го каже Војо Михајловски она што го кажа а поврзано за наводен договор да бидам една година претседател а после да се врател Георгиевски, а Ламбе Арнаудов не го негираше на таа средба.
Знам дека Војо Михајловски беше многу сериознен и чесен човек, а исто така и Ламбе Арнаудов, а во тоа време тие му беа најлојалните луѓе во тоа ново опкружување со новата партија.
Незнам кои основачи сум ги дистанцирал па сум ги вратил на голема врата како што вели Георгиевски, но јас градев тим за победа на изборите, а на Георгиевски му најавив уште на пред да се согласам да се кандидирам дека тоа ќе го правам и дека многу луѓе ќе треба да изостанат во тој тим за да победиме. Кога ќе победиме и ќе ја освоиме власта, ќе се измерат сите капацитети и секој ќе добие одговорност согласно капацитетит, но имајќи уважување и кон заслугите.
Тоа како што веќе кажав Георгиевски го прифати без никаква забелешка, напротив го потврди како исправен став кога ме убедуваше да се нафатам да ја водам партијата.
Па потоа по имиња ги редеше еден куп од нив, за кои самиот претпоставуваше дека треба да се повлечат.
Еден од нив на пример беше Љубе Бошковски, за подоцна при неговата посета во Хаг, самиот Бошковски да ми каже во детали и подробности како Љубчо Георгиевски го охрабрувал да се кандидира за самостоен кандидат за претседател на престојните претседателски избори, во неговата семејна куќа, што не можеше да се реализира бидејќи претходно Бошковски беше однесен во Хаг.
Со оглед дека сега двајцата се коалициски партнери во власта, сигурно ќе го негираат ова, но јас многу добро знам што ми било кажано.
А оние што се вратија во ВМРО-ДПМНЕ од ВМРО-НП, ќе се воздржам да објавувам што сѐ зборуваа, во каква заблуда биле држени долг период итн.
Осмо, Георгиевски наведува дека сум заборавил дека тогаш и во јавноста и пред мене зборувал дека на партијата и треба нов профил ослободен од национализам, економски профил, технократ.
Така е!
Но, Георгиевски веројатно знаел дека не предлага министер за финасии или за екологија, туку за претседател на партија која тој заедно со други ја создаде да почива на национални основи, да се бори за националниот интерес на Македонците и другите граѓани, да ги брани државните и национални интереси.
Тој сигурно знаел дека од него наследувам партија, а по победата и држава од која се бара да си го смени името и да прифати име кое соседот ќе и го одреди, да се одкаже од еден дел од историјата, и да го промени идентитетот на нацијата.
Тој не ми ја остави во наследство десната партија на Норвешка или Финска, па да се занимаваме само со економија и животен стандард, туку мала балканска држава со многу проблеми, “со гладни волци околу неа”, со јужен сосед кој го бара она што го наведов, источен сосед кој бара да се прогласиме за насила ребрендирани Бугари, со во тоа време нерешено црковно прашање со Србија, мултиетничка земја со куп етнички проблеми и прашања.
Ако Георгиевски зрело размислувал можел максимум да посакува дека освен со овие прашања кои сакал- не сакал ќе ти дојдат на маса, големо внимание треба да се посвети на економијата, невработеноста, живитниот стандард, севкупни реформи во секој сектор итн, што беше направено, повеќе од што најголем дел од граѓаните очекуваа.
Тие прашања не беа запоставени заради нужноста да се занимавам со политичките односно геополитичките регионални прашања.
Тој исто така наведува дека во тоа време немало ни трага од оној Груевски кој спроведува антиквизација, кој го прославува ослободувањето на стара Србија на Зебренјак и кој ќе ја постави најавторитарната власт во модерна Македонија.
Околу “антиквизацијата” мојот прв одговор е дека Георгиевски знае дека тоа е процес кој лично тој го започна од самите негови почетоци и говори за Александар Макеоднски и античка Македонија, преку најавени конгреси во Солун и две години обесено огромно знаме од врвот на штабот во Скопје па до долу, како јасна порака до гласачите, членовите и симпатозерите за идеологијата на нејзиниот водач и водство.
Во тие 1995 и 1996 година не го обеси знамето од Кутлеш на штабот Никола Груевски. Ниту пак Никола Груевски на ѕидот во ходникот на штабот го беше ставил грбот на партијата изработен од дрво и резба со сонцето од Кутлеш над лавот.
Неодамна во една емисија Георгиевски прилично несмасно тоа го објасни дека на тој начин сакал граѓаните да ги отргне од југословенството. Демек тоа било трик. Нека ми извини Георгиевски, но јас не знаев дека всушност ние сме ги лажеле членовите и симпатизерите на партијата, дека едно сме мислеле а други сме правеле.
Мојот втор одговор за “антиквизацијата” е дека таков процес воопшто не постоел и таа кованица е измислена од тогашната опозиција предводена од СДСМ, во која како коалициски партнерот беше и Георгиевски.
Зошто го велам ова?
Од повеќе десетици спомен обележја и споменици во Скопје само два се од античкиот период. Од исто така повеќе десетици статуи на мостовите и околу нив , само неколку се поврзани со антиката.
Заради пропагандни цели, идејата на проектот Скопје 2014 беше извадена од контекст.
Имено идејата на проектот во историксиот дел, не беше само да се прикаже историјата на македонската нација, туку и историјата на нашето парче земја која тогаш се нарекуваше Република Македонија, што значи дека “Скопје 2014” беше над национален проект.
Освен што меѓу спомениците и статуите имаше и ликови на етнички Албанци, Власи и личности од други националности, тој проект ги постави и престави цивилизациите кои поминале на таа територија уште пред времето на формирање на нации по француската револуција а особено во 19 и 20 век.
Таму на пример е преставени Источен римски император од 527 година до неговата смрт во 565 година- Јустинијан I. Еден од најважните владетели на доцната антика, кој е најдобро запаметен по неговата реформа на правниот законик,познат и како „Последниот римски император“ и бил император кој повторно го освоил градот Рим од Остроготите. Тој е поставен на плоштадот затоа што е роден во Таор, во близина на Скопје (некогаш Скупи), токму заради тоа што таа светска историска личност која потекнува од оваа територија мошне успешно ја водел најмоќната сила во Европа и пошироко во еден подолг период, во чии рамки била и денешна Македонија.
На мостот на цивилизациите како што се нарекува мостот кој води кон археолошкиот музеј, е и статуата на Цар Душан, не затоа што бил Македонец или ние сме Срби, или дека бил крунисан во Скопје како што било, туку затоа што концептот на статуите на тој мост кој е своевиден влез во археолошкиот музеј за секој турист и посетител, е да се стават статуи од најавторитетни историски епохи и цивилизации од чие време се пронајдени и изложени артефакти во археолошкиот музеј. Статуите на мостот се предсобје на археолошкиот музеј.
Факт е дека Александар и Филип Македонски владееле на дел од територијата на денешна Република Македонија и факт е дека неговото кралство се нарекувало Македонија.
Затоа е на пример Филип втори таму, не навлегувајќи во детали дали Демостен, најславниот говорник и државник во Стара Атина бил во право или не кога за Филип втори говорел дека “не е ниту Хелен, ниту има нешто со Хелените, не е ниту варварин, туку е од чумата македонска од која човек ни роб не би купил”.
Нити пак затоа што на статуата на Демостен подигната во Атина пишува: “Да беше твојата сила Демостене еднаква на твојата мудра цел, никогаш грците не ќе беа управувани од македонскиот јарец”.
Концептот на проектот кој противниците го нарекоа “антиквизација” е над национален.
Поврзан е и со територијата и цивилизациите кои владееле, кои цивилизации се дел од нашето и се разбира во дел од случаите не само наше наследство.
Поврзан е и со просветителството и христијанството преку спомениците и статуите на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум, Св. Никола, Св. Петар и Павле, пресвета Богородица, Св. Лидија (од Макеоднија), католичката светица Мајка Тереза итн.
Секако проектот е поврзан и со националните херои од 19 и 20 век, понатаму со најпознатите уметници од Македонија на мостот на уметноста итн.
Околу “Зебрењак”… Тоа е спомен обележје значајно за Србите во Македонија и за соседна Србија. Ако во денешно време не почитуваат, треба да ги почитуваме и ние.
Јас не сум бил на прослави на Зебрењак. По службена должност таму беше министерката за култура кога се отвори и кога имаше висока политичка делегација од Србија. Како што и нивни високи преставници доаѓаат денес во манастирот Прохор Пчински на одбележувањето на Илинден и АСНОМ.
Не бевме против да дозволиме и такви обележја на соседна Бугарија.
Но, тие бараа обнова на гробишта на 400 локации во Македонија, плус неколку споменици на места каде загинале нивни херои.
Им кажавме дека тоа е претерување, ги замоливме да си одберат неколку најважни гробишта и еден до два спомен обележја на нивни паднати херои и нема да има никаков проблем од наша страна, но не се задоволија со тоа.
Тоа е добрососедство а не тоа што тие го бараа. Нека одат и нека и побараат во Грција, во егејскиот дел на Македонија 400 гробишта, па ќе видат што ќе им биде одговорено…
Од аспект на Георгиевски, јас сум водел авторитарна власт.
Ако навистина било така, тогаш се прашувам зошто Георгиевски се договори со мене за влегување во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2016 година, со договорен план за нејзино припојување подоцна кон ВМРО-ДПМНЕ, со негово дистанцирање? Па потоа заедно со Ламбе Арнаудов дојде да ми каже дека за коалицијата за која бараа и добија еден пратеник на добитничката позиција го надгласале во извршниот комитет на раководството на ВМРО-НП, и дека ќе се обиде да направи пресврт на ЦК. За потоа дојде и уште еднаш сам со едни други образложенија и причини, кои засега ќе се воздржам да ги објавувам.
Не беше тоа авторитарна, туку успешна, исполнителна, одговорна и ефективна власт каква што за жал денес Македонија само може да сонува.