Грците утре гласаат во вториот круг од локалните избори

Во седум периферии и 227 општини, Грците утре ќе гласаат во вториот круг од локалните избори за да одберат градоначалници и префекти онаму каде што минатата недела ниту еден од кандидатите не освои 50 проценти плус еден глас, јави дописничката на МИА од Атина.
Повторно ќе се гласа и во двата најголеми грчки градови, Атина и Солун.
Во грчката престолнина, во првиот круг Костас Бакојанис од Нова демократија освои 42.65 отсто од гласовите, а неговиот против кандидат од СИРИЗА, Насос Илиопулос, 16.98 отсто.


Николаос Тахиаос и Зервас Константинос, и двајцата од Нова демократија, но, вториот без партиска поддршка, ќе се борат за градоначалник на Солун. Разликата меѓу нив, минатата недела беше 7.47 отсто во корист на Тахиаос, кој е поддржан од најголемата грчка опозициска партија.
Кандидатката од СИРИЗА за градоначалник на Солун, Катерина Нотопулу не успеа да влезе во вториот круг, бидејќи според гласовите на граѓаните минатата недела заврши на четвртото место.
Во првиот круг од локалните избори, префект беше избран во шест од вкупно 13 периферии, од кои пет и припаднаа на опозициската Нова демократија.
Мандатот на новоизбраните градоначалници, префекти и членови на општинските и регионалните совети започнува од 1 септември годинава и ќе трае до 31 август 2023.
Гласачките места исто како и во првиот круг ќе бидат отворени во 7 часот наутро, а гласањето ќе трае до 19 часот по локално време.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.