Грција ги легализираше истополовите бракови


Со 176 гласа „за“ од пратениците на владејачката Нова демократија и опозициските СИРИЗА, ПАСОК, Нова левица и Курс на слобода, грчкиот Парламент кратко пред полноќ го изгласа законот за истополовите бракови, јави дописничката на МИА од Атина.

Грција станува 16-та земја во ЕУ, 37-ма во светот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови.

Од вкупно 300 пратеници колку што брои Парламентот, гласаа 254, од кои 76 беа „против“, двајца „воздржани“, а останатите го поддржаа законот.

Меѓу оние кои гласаа против, освен пратеничките групи на Грчко решение, Комунистичката партија, Спартанци и Победа, имаше пратеници и од другите партии меѓу кои и од Нова демократија, а ист беше случајот и со оние 46 пратеници кои решија да отсуствуваат.

Веднаш по соопштувањето на резултатите, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Х истакна дека „Грција е горда што стана 16-та земја од ЕУ која ја легализираше брачната еднаквост“, но и дека тоа ја отсликува денешната Грција: „прогресивна и демократска земја, посветена на европските вредности“.

Вчера попладне додека во тек беше расправата во Парламентот и во пресрет на гласањето, во Атина се одржаа одвоени собири „за“ и „против“ законот за истополови бракови.

Едните со знамиња во боите на виножитото, симбол на ЛГБТ+ заедницата, коментирајќи дека за нив е „ден на радост“, за другите пак, оние кои се против, како што рекоа „ден на жалост“, се собраа со темјан и молитви.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, припадници на ЛГБТ+ заедницата рекоа дека изгласувањето на законот е од особена важност, не само за нив лично, туку и за човековите права во земјата.

– Законот е многу важен чекор за нас. Става крај на дискриминацијата, но и на нееднаквоста. Повеќе нема да се чувствуваме како граѓани од втора категорија, само затоа што сме во врска со личност од ист пол, рече за МИА млада Гркинка.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор за време на расправата порача дека со законот „стануваат видливи луѓето кои досега беа невидливи“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: