Грција ги олабавува мерките за угостителските објекти

Музиката се враќа во угостителските објекти и се укинува ограниченото работно време до полноќ, но и понатаму ќе биде забрането стоење, соопшти попладнево министерот за здравство на Грција Танос Плеврис.
Плеврис објасни дека олабавувањето на мерките доаѓа по препораката од надлежната комисија на епидемиолози која денеска одржа состанок, но и со оглед на тоа дека во изминатите седмици има намалување на бројот на новозаразени, иако здравствениот систем и понатаму е под притисок, но „постои рамнотежа помеѓу примањата и отпуштањата на пациенти“.
На 30 декември 2021 година беше воведено ограничено работно време до полноќ за угостителските објекти, забрана за музика, забрана за стоење и најмногу шест гости на маса, спортски натпревари се со публика до десет отсто од капацитетот или најмногу 1.000 лица, а 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор работат од дома.
-Во однос на забавата и угостителството, музиката се враќа и се ослободува работното време. Но, останува забавувањето со седење. Во однос на спортските објекти и стадионите, мерката останува непроменета. Но, следната седмица ќе се разгледа зголемувањето на исполнетоста на стадионите и на другите спортски активности, рече Плеврис.
Мерките во текот на јануари се продолжуваа секоја седмица, а последната министерска одлука е во сила до 30 јануари.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.