Од денеска во Грција се укинуваат голем дел од рестрикциите воведени на 7 ноември лани, односно задолжителното испраќање смс пораки за секое движење на граѓаните и забраната за патување меѓу региони, полицискиот час дополнително се скратува, а се воведуваат правила за внатрешните патувањата со брод или авион кон островите. Полицискиот час, наместо од 23 часот, ќе почнува половина час по полноќ, додека пак до крајот на месецов угостителските објекти и понатаму ќе работат без музика. Најавено е дека туризмот ќе се отвори со помош на потврда за вакцинација, за негативен тест или за прележан ковид-19.
Грција не прифаќа одвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ
Вчера премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил објави дека граничниот премин „Евзони“ кон Грција се отвора за сите граѓани на Република Северна Македонија, кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против Ковид-19 или позитивен резултат за антитела. Тој посочува дека за тоа бил информиран на неговата средба во Атина со грчкиот колега Киријакос Мицотакис. Заедно со туризмот, на 14 мај се отвораат и музеите, една седмица подоцна ќе почнат со работа и летните кина, на 28 мај дозволено е организирање претстави и концерти на отворено, а во текот на следниот месец ќе се укинат рестрикциите за свадби и крштевки, кои ќе може да се одржуваат само на отворено со најмногу 100 гости. Од почетокот на пандемијата во земјата има 369.554 потврдени случаи, а од ковид-19 починаа вкупно 11.211 лица.