Грција постепено ќе се враќа во нормала

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на денешниот редовен брифинг со новинарите најави дека утре попладне грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ќе ги соопшти „филозофијата и последователните фази од планот за префрлање во нова нормала“
Тој наведе дека постепеното укинување на рестриктивните мерки во Грција ќе почне од фризерските салони и продавниците, а потоа, во следните неколку фази, со временско растојание меѓу нив, ќе следат отворања на образовните институции, на големите компании, угостителските објекти, како и црквите, а во друга фаза ќе следи отворање на хотелите што работат во текот на целата година, а откако ќе се реши прашањето со транспортот, ќе се отворат и сезонските туристички објекти од крајот на јуни или почетокот на јули.
Покажавме дека Грците, во тешките моменти се обединети, успеваме. И исто толку обединети ќе се движиме постепено кон „новата нормала“. Овој процес ќе се одвива со план, постепено и организирано. По завршувањето на рестриктивните мерки што се во сила до 4 мај, планот на Владата ќе започне да се шири во засебни, насочени фази, последователно во мај и јуни. Правило ќе биде да постои временска разлика меѓу фазите на укинување на рестриктивните мерки за да постои можност континуирано да се проценува развојот на пандемијата, рече Пецас.


Тој додаде дека намерата на Владата е да се укине и обврската на граѓаните при секое излегување да мора да пратат смс порака или да имаат соодветна потврда со нив.
Дополнително, рече дека ќе се разгледа и можноста да се дозволи патување од една во друга периферија, но и тоа ќе оди постепено, за да се избегне ненадеен масовен излез од урбаните средини.
Портпаролот на грчката Влада објасни дека развојот на фазите и постепеното олабавување на мерките ќе зависи од состојбата на здравјето на населението, а при секое отворање ќе важат посебни правила и услови.
На пример црквите, почетно, ќе се отворат за индивидуални молитви, а подоцна, во следната фаза и под конкретни правила и заштитни мерки, литургиите ќе бидат отворени за сите верници.
Пецас дополнително објасни дека манифестациите за одбележувањето на Денот на трудот – 1 мај, ќе се префрлат во првата сабота по укинувањето на рестриктивните мерки и секако со почитување на правилата за држење растојание.
По обраќањето на Мицотакис и соопштувањето на планот утре попладне, ќе следи и детална презентација на аспектите на планот од надлежните министри.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.