Грција се приклучи на големиот европски проект за брза железничка пруга долж коридорот 10 од Будимпешта преку Белград и Скопје до Солун, за што во Бугарија гледаат под око поради нејзината исклученост засега, иако и таа е дел од коридорот.
„Грчкото учество во изградбата на брзата железничка линија од Грција преку Македонија до Унгарија е историска победа за Западен Балкан“, изјави српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ.
Брзата рута е делумно подготвена само на територијата на Србија – делот од Белград до Нови Сад – а во моментов се работи на делот од Белград до Ниш и од Ниш до границата со Македонија. Во исто време, кинеските компании ја градат брзата железничка линија од Нови Сад до Будимпешта, која треба да биде завршена во 2025 година. Максималната брзина по целата делница ќе биде 200 км/ч.