Грција ќе ги заостри мерките за продажба на алкохол на малолетни лица како и забраната за пушење на цигари и на отворено, по два тешки инциденти на малолетничко пијанство во текот на новогодишната ноќ. Имено, 14-годишно момче од Јанина падна во кома и беше интубирано поради конзумација на алкохол, а друг малолетник од истиот град исто така заврши во болницата во тешка состојба. Во однос на овие два инциденти и на уште неколку за точење на алкохол на малолетници, приведени се родители на децата во чие присуство тие пиеле алкохол како и сопственици на локали и продавници каде им е точен алкохол на децата кои беа хоспитализирани.
За да се стави крај на слични инциденти, се очекува грчката влада да ја објави новата, построга и појасна законска рамка во однос на забраната за продажба и точење на алкохол на малолетници. Во планирањето за заштита на јавното здравје се очекуваат прописи и за пушењето – чија суштинска забрана во јавните затворени простори во Грција дојде по напор и последователни регулативи. Целта е да се усогласи со европските земји каде што се прават обиди за забрана за пушење и на отворени простори.
Министерствата за правда, за цивилна заштита, за здравство и за внатрешни работи на Грција промовираат закони за заострување на рамката за продажба на алкохол на малолетници. Според она што стана познато, продажбата на алкохол на лица помлади од 18 години е кривично дело без исклучок.
Исто така и меѓу другото, се враќа надлежноста на грчката полиција за вршење проверки во клубови и забавни центри, како и можност за итно запечатување на местата за ноќна забава доколку се утврди дека се сторени кривични дела.
Според сегашната законска регулатива, забранета е продажба на алкохол на оние кои не наполниле осумнаесет години.
Заедно со строгите забрани и казни за продажба на алкохол на малолетниците, се очекува и измена на актуелната законска рамка за пушење во Грција.