Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, реагира и бара извинување од МРТ за тоа што за време на синоќешниот Божикен концерт што беше пренесуван на МТВ1, на кајронот наместо титулата „Архиепископ Охридски и Македонски“ стоела скратената титула „Архиепископ Охридски“.
„За време на вчерашниот Божикен концерт на празнични песни – одржан како завршен дел од манифестацијата ‘Бадникови поворки’, беше направена груба, се надеваме ненамерна, грешка. Имено, за време на Нашиот благодарствен говор, на кајронот на МТВ1 наместо титулата ‘Архиепископ Охридски и Македонски’ стоеше скратената титула ‘Архиепископ Охридски’.
Не сакајќи да веруваме дека станува збор за свесно или нарачано искривување на титулирањето на Поглаварот на Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, Ве замолуваме уште денеска во средствата за информирање на Јавниот сервис да објавите извинување за овој голем превид. Во спротивно ќе бидеме принудени и Ние лично како Архиепископ Охридски и Македонски и сите свештенослужители на Скопската епархија и на други македонски епархии да ја преиспитаме нашата соработка со Јавниот сервис, а којашто сè досега, беше исклучително коректна и плодотворната. Верувајќи дека ќе излезете во пресрет на ова наше Барање и дека во иднина нема да се прават вакви сериозни грешки, Ве поздравуваме со торжествениот христијански позив: Х Р И С Т О С С Е Р О Д И!“, се наведува во реакцијата на поглаварот на МПЦ-ОА до директорот на јавниот сервис Македонска радио-телевизија (МРТВ) – Марјан Цветковски.