Дали блокадата од Бугарија ќе влијае на бизнис секторот?

Новата ситуација во односите со Бугарија и блокадата на македонските преговори со ЕУ ќе создаде несигурност во бизнис секторот, сметаат од Македонско – бугарската стопанска комора.
Оттаму наведуваат дека не е поентата дали сегашните инвестиции ќе останат, туку дека најверојатно раст нема да има.
Oбјаснуваат дека бугарските инвестиции кај нас се во секторот енергетика, рударство, и медицински канабис, а новите инвестиции кои беа во најава најверојатно нема да се реализираат. Се смета дека колебање ќе има и кај оние кои инвестираат кај источниот сосед, но и дека трговската размена меѓу двете земји може да се намали.
Останува голема неизвесност и да се види дали во наредниот период ќе се најде решение за блокадата од Бугарија.
Сепак, од сектор до сектор ќе има разлики, зависи од тоа каква соработка имало досега.
„Бизнисот нема да биде тангиран од политиката, освен ако некој од лични причини не сака да соработува со бугарски компании, во смисла ако увезува нешто од таму, а може да го обезбеди од друга земја, ќе одбие да соработува со став дека „тие нас не кочат“, вели Валентина Дисоска од Здружението на бизнис жени.


Маријана Перковска пак од Текстилниот кластер објаснува дека во текстилот немаат некоја голема соработка со бугарските колеги, но и таа го дели ставот дека политиката и бизнисот на приватните компании не треба да се мешаат.
„Со колегите се почитуваме, имаме техничка соработка, но политиката нема да влијае. Бугарите имаат многу поразвиен текстилен сектор од нашиот. Тие го издигнаа на едно повисоко ниво. Репроматеријали се набавуваат претежно од Турција за нашиот сектор. Дури и да има некои кои набавуваат од Бугарија, сметам дека политичката блокада нема да влијае. Сите држави си го поддржаа текстилниот сектор, само ние останавме на питачки стап и тоа е така поради управувањето овие 30 години. Со Грција политички имавме блокади долго време, па тоа не пречеше да соработуваме и да имаме и инвестиции во нашата држава“, рече Перковска.
Во периодот јануари ‒ јуни 2020 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија. Следните месеци во првите пет влегува Кина, а Бугарија ја нема. Ова се податоци кои ги објави Државниот завод за статистика.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.