Дали е можно да се развие и задржи пријателството на работа?

Меѓусебно разбирање, сочувство, давање и примање, споделување на доброто и лошото… сите овие атрибути им ги припишуваме на нашите пријатели и на заедничката врска во која вложуваме време и емоции.
Ако пријателствата функционираат на тој начин во приватниот живот, треба да функционираат на ист начин и на работното место, нели? Дали е можно да се развие и да се задржи пријателство на работа?
Правилата на пријателството, да ги наречеме така, се прилично јасни, но нашите очекувања, па дури и дефиницијата на пријателството, надвор од работа и на работа, не треба да бидат исти.
На пример, Аристотел го ценел пријателството, но го разликувал според јавно и лично ниво. Во општеството, принципите на пријателството и соработката го поттикнуваат она што е добро кај граѓаните, додека приватно им помагаат на поединците да водат исполнет, среќен и квалитетен живот.


Според грчкиот филозоф, пријателствата се засновале на корист и на задоволство, тие биле и средство и цел.
Пријателства на работно место започнуваат со заеднички проект и работа, а кога таа работа ќе се прекине на кој било начин, пријателствата најчесто престануваат, бидејќи главната основа за нив повеќе не постои.
За да продолжиме со ова пријателство потребен е посилен мотив, отколку запознавање на нечии работни вештини и етика.
Можеме ли воопшто да ги наречеме врските што ги воспоставуваме со колегите пријателство? Или би било фер да ги опишеме овие односи како нешто повеќе од познаник, а помалку од пријател, како врска што опфаќа само работа?


Како да се однесуваме кон нашиот пријател, кој е, исто така, и наш колега, кога деловните резултати не се добри? Како да му кажеме дека е неефикасен, ако со него споделивме шише вино ноќта пред тоа, организиравме семеен собир и, патем, знаеме дека неговиот брак се распаѓа?
Ваквите блиски односи со колегите, особено кога станува збор за различни степени на хиерархија, можат да ги стават луѓето во тешка и компромитирачка ситуација да мора да избираат помеѓу работата и пријателството.
Потребни се околу три години за да се развие вистинско пријателство. На работното место многу побрзо наоѓаме пријатели, затоа што секојдневно се гледаме и делиме ист простор. Во исто време, честопати сме подготвени да го споделиме и она за што не треба да зборуваме.
Мотивите се различни, но најчесто ова го правиме, бидејќи сакаме да им се допаднеме на нашите колеги и не сакаме да се чувствуваме осамено.
На новите колеги не треба да им се пристапува со недоверба, но за да се развие доверба, потребни се повеќе од неколку кафиња.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.