Светските модни брендови ја уништуваат непродадената облека, за на вештачки начин да ја сочуваат вреднста. Извештаите покажуваат дека “Burberry” минатата година уништиле роба во вредност од 37,8 милиони долари.
Од целата роба, 13,8 милиони долари се однесуваат на козметички залихи, додека остатокот, во вредност поголема од 20 милиони долари, се однесува на облека и модни додатоци. Сепак, британската модна куќа, која минатата година пријавила приход од 3,1 милиони долари, не е единствена во оваа приказна. “Louis Vuitton” спроведува иста стратегија и своите вредни ташни ги уништува, со цел да го избегне потопот на цените и преголемите намалувања, кои можат да ја намалат вредноста на брендот. А не е тајна ниту дека луксузниот конгломерат “Richemont”, истото го прави со своите брендови “Cartier”, “Piaget”, “Baume & Mercier” и “Vacheron Constantin”.
Од “Richemont” исто така се оправдуваат дека настојуваат да ја сочуваат вредноста на брендот со ограничени понуди и препродажба на црниот пазар, но дали навистина тоа е единстевена причина?
Аналитичарите тврдат дека постои дополнителна погодност за оние кои своите производи ги извезуваат на американскиот пазар, во вид на враќање на данок и трошоци платени за робата, која се повлекува со цел да се уништи.
Со други зборови, модните брендови за непродадената роба, од американскиот пазар, кој има намера да ја уништи, добиваат незанемарливи средства, па затоа многу повеќе им се исплати да го запалат непродадениот асортиман, отколку безначајно да го продадат. Освен луксузните модни брендови и “H&M” е веќе критикуван поради уништување на голема количина од својот непродаден асортиман. Ако им веруваме на медиумските написи, шведскиот моден гигант, минатата година изгорел 12 тона облека. Споменатите компании, наводно не биле подготвени да коментираат, бидејќи, како што велат, не прават ништо нелегално.