Дали летово ќе биде безбедно да одиме на базен?

Летото е речиси овде, но светот сè уште се обидува да се справи со пандемијата. Па, оваа летна сезона сите ќе мораме да се адаптираме.
После веста дека пливањето во море е колку-толку безбедно доколку нема гужви, се поставува прашањето дали истото ваши и за базените.
Според Центарот за контрола и превенција на болести, засега нема докази дека вирусот може да се пренесе преку вода во базен. Наводно, самото одржување на базенот, како дезинфекција со хлор, би требало да го убие вирусот.

 


За Yahoo Life, доктор Дејвид Катлер вели дека не можеме со сигурност да знаме какви ќе бидат последиците. Слично мислење дели и доктор Ричард Воткинс, кој вели дека вирусот е исто заразен колку што беше и во март, па ако одиме на базен, ќе треба да внимаваме повеќе.
За вирусот се појавија и гласини дека во текот на потоплите месеци, постои можност да не се шири со толку голем интензитет. СЗО се огласи за ова, тврдејќи дека можете да фатите КОВИД-19, без разлика колку е сончево или топло. Како што велат од организацијата, вирусот се проширува и во држави со потопла клима, но ќе видиме што ќе се случува во летниот период.
Кога станува збор за базените, иако можеби нема да го фатите вирусот во вода, ова се места каде што се собираат многу луѓе. Затоа, од Центарот за контрола и превенција на болести велат дека важно е и посетителите, и вработените во базените да ги следат сите мерки за заштита и безбедност.
Истото го кажа и нашиот Министер за здравство, Венко Филипче, укажувајќи на тоа дека ризикот кај базените е всушност гужвата и не одржувањето социјална дистанца, па токму затоа, кога се очекува во третата фаза да бидат отворени базените кај нас, ќе постојат посебни протоколи за безбедно функционирање.


Ако решите да посетувате базен кога ќе се отворат, ќе мора и таму да ги почитувате сите мерки за безбедност:
– Држете се на поголемо растојание од другите – правилото за дистанцирање важи и овде.
– Ако одите со деца, објаснете им дека не смеат да бидат во близок контакт со други луѓе.
– Избегнувајте да допирате што било, како маси, кваки и слични работи, што другите ги допираат често.
– Посетувајте го базенот кога има најмалку гужва.
– Имајте со вас маска за во случај да не може да се одржи дистанца во некои делови покрај базенот. Иако можеби сметате дека во лето маските се неудобни за носење, тие можат да направат голема разлика.
– Одржувајте лична хигиена, носете дезинфекциски средства и користете свои крпи за бришење.
Важно е да знаете дека сè додека пандемијата трае, постои и ризик од зараза. Кога ќе бидат отворени кај нас базените, ќе бидат објавени и посебни протоколи и правила до кои сите ќе треба да се придржуваат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.