Дали навистина молчењето е злато?

Сите ја знаеме онаа старата народна: „Молчењето е злато“. Но, дали ова е вистина? Колку молчењето може да ни помогне, а колку да ни наштети?
Револуциите низ историјата не се кревале со молчење од протест, ниту пак со мирно стоење во место. Исто така, промените кои доаѓаат во животот, не доаѓаат лесно, тивко и незабелжливо, туку бурно, гласно, со брзина на светлината. Онаму каде почнува молчењето, се кријат нашите стравови да се нурнеме во светот и да го покажеме нашето вистинско лице.
Сите сме херои кога станува збор за работите за кои се бориме преку нашите зборови, но преку практикувањето на молчењето, заборавивме да делуваме, се скривме за да не нѐ проголта мракот. И тука се поставува прашањето: Колку сме ние навистина херои, кога не знаеме да кажеме што ни пречи, да го промениме она што нѐ гуши, да им укажеме на другите за нивните пропусти, да кажеме НЕ на насилството, страдањето, крадењето, неволјите?


Дали сме достојни за овој живот кој го живееме, доколку се криеме, плашејќи се од сопствената сенка, ако тишината ја користиме како изговор за неделување?
Се провлекуваме низ дупки, мислејќи дека некој друг ќе го направи она што е потребно за сѐ да се избалансира за светот да биде поубаво место за живеење. Немаме време, сигурно друг ќе има време. Некој некаде сепак ќе застане, ќе се сврти околу себе, ќе им помогне на непознати луѓе, оние покрај кои и ние некогаш сме чекореле без да го тргнеме погледот на страна. Некој ќе мавне со магично стапче за да ја отстрани сета неправда нанесена на луѓето. Некој ќе се бори за работни места, додека ние седиме дома и размислуваме за тоа колку всушност сме помогнале само со размислување во таа насока. Дали?
На што ги учиме нашите деца, со нашето провлекување низ животот како заслепени патници? Зошто ги учиме да не го креваат гласот, особено кога се работи за нешто што е во нивна и наша штета?
Премногу молк води кон општество на страв, замотано во својот оклоп и создава луѓе кои се неспособни да се грижат ниту за себе, ниту за другите. Луѓе кои само ќе зборуваат и ќе кукаат, но не се навикнати да преземаат ништо. Го чекаат Годо, во надеж дека ќе ги спаси и дека ќе ги подигне од дното на кое се наоѓаат.


Кого чекаме, зошто чекаме, зошто не делуваме? Зошто не кажуваме НЕ на сите оние грди работи кои ни ги наметнуваат, НЕ на сите луѓе кои нѐ исцрпуваат? Зошто да не му кажеме ДА на животот кој сакаме да го живееме? Да им кажеме ДА на храброста, одважноста, соништата, трудот, упорноста, ентузијазмот, позитивноста?
Многу е лесно да се каже НЕ. Многу е полесно да се оди по веќе постоечки патишта создадени од други луѓе, за да можеме полесно да се извлечеме и да не оставиме траги низ времето. Затоа што нели не е важно да се остави трага, важно е да не се замараме низ текот на целиот живот, кога и онака сите ќе умреме, зарем не?
Полесно е да им го препуштиме кормилото на другите, оние кои ја користат секоја шанса да се остварат себеси такашто газат преку други. Лесно е да ја бутнеш главата во песок, затоа што не ве интересира што се случува во вас, а ниту пак ве интересира што се случува околу вас. Тажно е тоа човештво кое е потопено во лажна надеж и искривени идеали. Тажни сенки кои секојдневно бараат излез од кошмарите на душата преку материјални богатства, не препознавајќи ги работите кои ги кршат на половина и кои ги претвораат во зомбија.
Стани, ти заспан човеку, додека си жив, додека крвта сѐ уште тече низ твоите вени. Напумпај се со ентузијзам и со она што е возможно, наместо секојдневно да се храниш со невозможното. Оствари ги соништата такашто ќе ги претвориш во нешто достижно, но биди свесен за цената која ќе ја платиш. Таа цена нека не бидат твоите блиски луѓе, таа цена нека не биде твојот внатрешен мир. Очекувај чуда и очекувај го невозможното, неочекуваното. Живеј го животот такашто секојдневно ќе му ги покажуваш забите и ќе бараш уште предизвици, а не да се криеш од него.
И запомни една работа: Молчењето не е злато за оние кои се борат во животот. Молчењето не е злато за оние кои на своите рамена носеле тешки товари. Молчењето не е злато, ни за мене, ни за тебе, затоа што молчењето не менува ништо, не влијае на луѓето онака како што тоа го прави вресокот и лекциите.
Со молчење брани ја твојата светост, со молчење понекогаш скриј се од светот, но само за да ја сфатиш својата суштина. Но, не го користи молкот како единствено оружје во борбата против неправдите. Затоа што има многумина од оние кои не го спознаваат својот глас, кои чекаат на тебе и на мене, чекаат да го направиме тоа наместо нив.
Ако можеш да поместуваш планини, да спојуваш светови и да спречуваш секојдневни неправди со тоа што некому ќе бидеш светлост и поддршка, направи го тоа без двоумење.
На светот му се потребни луѓе кои нема да дозволуваат наметнати работи. На светот му се потребни луѓе кои ќе започнуваат движења, кои ќе создаваат подобри утра и кои ќе веруваат во невозможното.
Крени го својот глас, секој ден прави нешто корисно, помагај и пред сѐ биди човек во вистинска смисла на зборот и со својот пример покажи им го патот на другите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.