Предлогот за ограничување на бројот на гости во легален клинч. Под кои околности и смее ли полицијата да влезе во вашиот дом? Ингеренциите на темата ги има МВР, од каде велат дека неповредливоста на домот е заштитена со Устав.
Во највисокиот правен акт е наведено дека тоа право може да се ограничи единствено со судска одлука, кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.
Правни механизми постојат, вели министерот Спасовски, но прво да се усвои предлогот, па потоа ќе дискутираме за легалниот аспект.
„Ќе ги чуеме мерките, ќе ги чуеме аргументите на здравствените власти за секоја од мерките и потоа ќе се донесе одлуката. Едно треба да знаат граѓаните. Секое постапување на полицијата ќе биде исклучиво на уставните начела и законски норми. Неповредливоста на домот е уставна категорија и тоа е светонешто за секој граѓанин и тоа никој не може да го загрози”.
Целосно необмислен предлог, кој не е можно да се спроведе во пракса, вели струката. Според адвокатот Митровски, доколку се спроведе, мерката длабоко ќе задре во во уставноста.
„Бидејќи сме во состојба на епидемија, а постои посебно кривично дело што сега е многу користено по член 206, а тоа е непостапување на здравствени прописи за време на епидемија, ајде да прифатиме дека полицијата ќе моќе да влезе без наредба за претрес, како ќе може полицијата однапред да знае колку луѓе има внатре, за да може да утврди основано сомнение”.
Како би се спроведувала мерката не знаат ниту од Кривичен, чии судии треба да го издадат налогот за влез во домовите. Ќе ја почекаат владината седница и евентуалното прифаќање на предлогот, па потоа ќе се разгледува како тоа би изгледало.
Во пракса, тоа би значело дека за време на верските слави кога се очекуваат семејните собири, на работа ќе треба да дежураат повеќе судии.
Според посоечката легислатива, полицијата смее да влезе во вашиот дом само со судски налог, а исклучок е само доколку се сомневаат дека во моментот таму се врши кривично дело.