Дали треба да ги миете забите пред или по појадокот? Одговорот можеби ќе ве изненади

Тoa е една од оние вечни дебати што беснее во многу домаќинства: дали треба да ги миете забите пред или по појадокот? Додека некои тврдат дека нема смисла да ги миете забите пред јадење, други не можат да замислат да го започнат денот без да се чувствуваат свежо и со чиста уста. За да помогне во решавањето на оваа дилема, стоматологот д-р Џјоти Чинтамани објасни што препорачуваат експертите и зошто.

Д-р Џоти истакнува дека, колку и да им изгледа контраинтуитивно на некои, миењето на забите пред појадок е подобар избор.

„Кога ќе се разбудите наутро, имате неколку часа зад себе во кои производството на плунка е намалено. Затоа бактериите и плакот се акумулираат во устата“, објасни таа.

„Миењето на забите веднаш по будењето помага во отстранувањето на бактериите пред да почнете да јадете.“

Ова има уште една важна предност. Пастата за заби што содржи флуор создава заштитен слој на забите пред да ги изложите на храна и пијалоци.

„На овој начин, глеѓта е подобро заштитена од киселата храна и пијалоци што често ги консумираме за појадок“, додаде таа.

Што ако сè уште ги миете забите по појадокот?

Многу популарни јадења за појадок, како што се бобинки, кафе или овошни сокови, се природно кисели, дури и кога ги сметаме за здрав избор.

Киселата храна привремено ја омекнува забната глеѓ, па затоа миењето на забите веднаш по оброкот може да го забрза нејзиното абење.

Затоа стоматологот советува да не се посегнува веднаш по четката за заби. „Ако претпочитате да ги миете забите по појадокот, почекајте најмалку 30 минути. Ова ќе ѝ даде на плунката доволно време да ги неутрализира киселините и да ја врати природната рамнотежа во устата“, препорача таа.

Грешка што многу луѓе ја прават откако ќе ги мијат забите

Според препораките на Британскиот национален здравствен систем (NHS), не треба да ја плакнете устата со вода откако ќе ги измиете забите. Доволно е да го исплукате вишокот паста за заби, бидејќи плакнењето со вода го отстранува флуорот од забите и го намалува неговиот заштитен ефект.

Од истата причина, не се препорачува употреба на течност за плакнење уста веднаш по миењето на забите, дури ни таква што содржи флуор. Ова исто така може да го измие концентрираниот флуор од пастата за заби.

Течноста за плакнење уста може да биде корисна во спречувањето на кариес, но експертите препорачуваат да се користи во различно време од денот, како на пример по ручек, наместо веднаш по миењето на забите. По употребата на течноста за плакнење уста, се препорачува да не се јаде или пие најмалку 30 минути.

Пронајдете не на следниве мрежи: