Јас сум етнички Македонец, меѓутоа јас сум еднаков за сите без разлика дали некој е Албанец или Турчин, порача кандидатот за претседател Стево Пендаровски од вечерашниот митинг во Тетово.
Наспроти ова, тој рече дека меѓуетничките односи се тема на која најмногу се разликува од противкандидатката Силјановска-Давкова и од ВМРО-ДПМНЕ. За нив рече дека не се еднакви за сите.
Потенцираше дека Македонија на планот на меѓетничките односи е на највисоко ниво од осамостојувањето до денес.
„Македонија е можна, стабилна и просперитетна, само и само ако сите овде, во оваа заедничка куќа се чувствуваме рамноправни, а не некој да биде газда, а друг да биде потстанар… Со години наназад таа политичка партија секогаш велела дајте ни 61 пратеник за да не мора да бидеме уценувани од Албанците. Тоа нема да го случнете од мене. Јас не барам бројка за да не ме уценуваат. Албанците се апсолутно рамноправни со сите во оваа држава и сите други што живеат тука“,
рече Пендаровски.
Пендаровски му порача на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека ниту помилувал, ниту има намера да помилува криминалци.
„Него му е голем страв Груевски да не му се врати од каде што избега, затоа што ако му се врати Груевски се знае кој е правиот газда таму, тој го постави на тоа место каде што е. И постојано обвинуваат дека јас ќе го амнестирам Груевски или преку измени на кривичен закон или не знам како. Дали го гледа некој Груевски во Македонија? Како сум го амнестирал? Груевски е таму кај што беше. Меѓутоа стравот е толку голем и му излегува од очи, да не случајно му се врати Груевски. Значи повторувам – ниту некој пат сум имал намера да амнестирам некого, ниту сум амнестирал, ниту ќе амнестирам. Нека се обрати кај неговиот поранешен претседател Ѓорѓе Иванов, кој патем кажано, е личен пријател со против кандидатката Силјановска Давкова“,
рече тој.
Пендаровски потенцираше дека актуелната владејачка структура по 17 години чекање ги почна преговорите за членство во Европската Унија. Рече дека ако не е внатрешната опозиција, Македонија би станала членка на ЕУ за четири до четири и пол години.
„За жал поради опструкциите што ни ги правеа некои од надвор, меѓутоа најмногу нашата внатрешна политичка опозиција, ја отворивме првата преговарачка конференција, но за жал застанавме тука. Опозицијата никако да се согласи дека не треба да става сопки на европскиот пат на Македонија и тие две дилеми и тие две опции се присутни и вечерва. Кои се тие две опции – оваа политичка структура која седум и пол години наназад со многу тешкотии, со многу размислување, со комплетна заштита на македонскиот идентитет и јазик успеваше да ги помине сите препреки на тој пат и да ја внесе малата Македонија во друштво на сите светски колоси. Да не е внатрешната опозиција јас ви гарантирам дека за четири до четири и пол години ќе ги завршиме сите преговори и ќе станеме полноправна членка на ЕУ“,
рече Пендаровски.