Дваесет и петгодишен војник починал откако му се слошило на полигонот Криволак

Истражната постапка за случајот, како што информираат Генералштабот на Армијата на РСМ, ќе ја води јавен обвинител, кој дал насоки за понатамошната постапка и за утврдување на околностите за смртта на војникот

Дваесет и петгодишен војник на Армијата на Република Северна Македонија синоќа починал на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Скопје откако му се слошило за време на обука на полигонот Криволак, соопштија утрово од Генералштабот на Армијата на РСМ.

Војници на Армијата на Република Северна Македонија (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

Професионалниот војник со иницијали А.Ј., како што информираат оттаму, бил еден од кандидатите кој посетувал курс за баталјонот специјални сили, кој изминатите дваесетина денови се одржувал на армискиот полигон.

Нему, вчера попладне по 18:30 часот, на самиот крај на изведувањето на последната дисциплина од селективниот курс – марш на долго растојание, без претходни видни знаци, во еден момент му се слошило и паднал во бессознание.

„Веднаш, со армиско болничко возило и придружба на воен лекар кои се постојано присутни на активностите на селективниот курс е однесен во најблиската здравствена установа, во случајот здравствениот дом во Неготино, по што веднаш по направените интервентни испитувања е упатен со болничко возило кон Клиниката- Карил во Скопје, каде по пристигнувањето од страна на персоналот се пристапило кон преземање на сите мерки за реанимација, но по кратко време се констатирала смрт“,

се наведува во соопштението од Генераштабот на Армијата на РСМ.

Истражната постапка за случајот, како што информираат оттаму, ќе ја води јавен обвинител, кој дал насоки за понатамошната постапка и за утврдување на околностите за смртта на војникот.

„Официјалниот извештај за причините поради кои настанала смртта кај армискиот припадник ќе бидат соопштени по извршена обдукција од страна на Институтот за судска медицина во Скопје, по што јавноста ќе биде благовремено информирана“,

додаваат од Генералштабот.

Според Армијата, починатиот војник го почнал 24-дневниот селективен курс во добра здравствена сотојба и одлична физичка подготвеност за цело време на предвидените активности на курсот.

Пронајдете не на следниве мрежи: