Полицијата во Замбија денеска соопшти дека се уапсени двајца осомничени за вештерство, кои наводно планирале „да фрлат магија“ врз претседателот на државата Хакаинде Хичилема.
Портпаролот на полицијата Рае Хамунга објави дека двајцата осомничени, Џастен Мабулесе Кандунде (42) и Леонард Фири (43), наводно биле ангажирани од Нелсон Банда, помладиот брат на пратеникот во бегство Џеј Банда, за да му фрлат магија на претседателот, пренесе „Би-би-си“.
Џеј Банда, кој беше уапсен под обвинение за тешка кражба, избега од полицискиот притвор во август 2024 година и властите не знаат каде се наоѓа.
Уапсените се соочуваат со обвиненија за вештерство, поседување амајлии и суровост кон животните.
„Различни амајлии, вклучително и жив камелеон, беа пронајдени кај осомничените и тие, според информациите, практикувале вештерство“, рече Хамонга.
Тој додаде дека нивниот наводен план бил „да користат амајлии за да му наштетат на шефот на државата“, претседателот Хакаинде Хичилема, пренесува Танјуг.
Портпаролот на полицијата додаде дека осомничените откриле дека се договориле да добијат 7.400 долари за планираниот чин.