Вкупно против 11 лица е поведена постапка за коруптивни дела поврзани со работата на клубот „Пулс“, соопшти попладнево Обвинителството.
За тројца од нив донесена е наредба за спроведување истрага. Станува збор за двајца даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип, кои ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли кај даночни обврзници со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.
Тие се осомничени за примање поткуп, додека синот на сопственикот на „Пулс” за „давање поткуп“.
За првите двајца се бара притвор, додека за третиот на сила се мерки на претпазливост во првиот предмет поврзан со пожарот во „Пулс”, па сега се бара проширување на тие мерки со забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените.
Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и “Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле „злоупотреба на службената положба и овластување“. За нив се предложени мерки на претпазливост.
Сопственикот на „Пулс” кој веќе е во притвор во другиот предмет е осомничен за „фалсификување исправа“ бидејќи подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со контролни фискални извештаи со невистинити податоци, кои ги употребувал како вистински со цел да избегне парични глоби и затворање на објектот.
Осомничена е и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат која исто така е опфатена со претходната постапка во која и се определени мерки на претпазливост и за која сега се обезбедени дополнителни докази и за кривично дело „оддавање службена тајна“ поради откривање информации за ненајавени контроли.


