Недоволните инвестиции во геолошките истражувања со децении го ограничувале развојот на нови рударски проекти во Европа, оценува Европската инвестициска банка.
Во најновиот технички извештај „Предизвици и решенија за истражувањето на минерали во Европа“, Банката укажува дека Европа располага со значаен минерален потенцијал, но дека недостигот од истражувања и подготвени проекти претставува пречка за негово искористување.
Затоа од ЕИБ повикуваат земјите-членки да го забрзаат испитувањето на сопствените геолошки ресурси и да започнат со развој на нови рударски проекти. Финска и Шведска се наведуваат како примери на земји кои активно работат на развојот на својот минерален потенцијал.
Во Македонија, пак, меѓу веќе потврдените минерални ресурси се издвојува бакарот во Иловица.
Во време кога Европа се соочува со потреба од поголема домашна достапност на минерали, македонскиот предизвик останува како потврдените ресурси да се претворат во реални економски проекти и инвестиции.
„Оваа студија покажува дека Европа има значаен сопствен минерален потенцијал, кој би можел да игра многу поголема улога во зајакнувањето на нашата безбедност при снабдувањето. Предизвикот е да се создадат услови што ќе овозможат овој потенцијал да биде откриен и развиван одговорно. Тоа значи подобри геолошки податоци, побрзо и попредвидливо издавање дозволи и финансиски алатки што помагаат да се привлечат приватни инвестиции во високоризичен, но стратешки важен дел од вредносниот синџир“, изјави потпретседателката на Европската инвестициска банка, Никола Беер.
Додека Европа засилено го крати периодот за издавање на дозволи за рударски проекти и повикува на привлекување на инвестиции, во Македонија има само една сериозна најава за рударски проект. Станува збор за рудникот за бакар во Иловица. Сепак, оваа инвестиција се уште не е реализирана, иако се изминати повеќе од 22 години од дозволата за детални геолошки истражувања на локалитетот, издадена во 2004 година. Податоците од истражувањата покажаа дека е возможна експлоатација на 10 милиони тони годишно. Тестирањата потврдиле искористување на 84 отсто за бакарот. Просечното годишно производство би било 16 илјади тони бакар, а во предфизибилити студијата биле утврдени 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда. Во 225 милиони тони руда се проценува присуство на 410 илјади тони бакар. Животниот век на рудникот е предвиден да трае 23 години.
Инаку, студијата на ЕИБ дава препораки и за тоа како да се овозможи одговорно истражување, да се спроведе и промовира Законот за критични суровини, да се зајакне геолошката наука, да се мобилизира капиталот за истражување и да се изгради посилен екосистем за рударски иновации и употреба на модерните технологии.
„Студијата идентификува и неколку пречки што го ограничуваат истражувањето во ЕУ: сложени и фрагментирани системи за дозволи, долги периоди на одобрување, ограничена јавна свест зошто критичните суровини се важни, нецелосно или застарено геолошко мапирање, премалку мали компании за истражување способни да преземат ризик во рана фаза и недоволни финансиски стимулации за проекти во рана фаза“, наведува ЕИБ.
Како што се додава, без истражување, не може да има нови рудници, односно нова домашна понуда и силен тек на проекти за подоцнежни инвестиции. Според студијата, најголемиот ризик е што само околу еден од 10.000 рани потенцијални истражувачки проекти и еден од 1.000 понапредни истражувачки проекти на крајот стануваат оперативни рудници.Директивата за критични суровини на ЕУ поставува цел за најмалку 10% од годишната потрошувачка на стратешки суровини во ЕУ да доаѓа од домашен ископ до 2030 година. Тековните трошоци за истражување на минерали во ЕУ се проценуваат на околу 0,2 милијарди евра годишно, а за да се помогне во исполнувањето на целите на ЕУ, ЕИБ проценува дека сумата би требало да се зголеми десеткратно, на околу 2 милијарди евра годишно во текот на следните пет години. Ова би ги поставило трошоците на ЕУ за истражување над моменталните трошоци на Канада и Австралија, две од водечките светски сили во рударството.
Пронајдете не на следниве мрежи:



