Двајца пешаци се потешко повредени, а шестмина се здобиле со полесни повреди во седум сообраќајни незгоди што се случиле изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје. Во три сообраќајни незгоди е причинета материјална штета.
Според билтенот на СВР Скопје, 31 возач се движеле со поголема брзина од дозволеното, а пет возачи возеле под дејство на алкохол. Дванаесет возачи возеле пред да се стекнат со правото за управување на моторно возило, а од сообраќај биле исклучени и тројца возачи почетници.
Исклучени од сообраќај биле и 15 нерегистрирани и три технички неисправни возила и едно претоварено возило.
Изминатите 24 часа сообраќајната полиција издала 82 казни за непрописно паркирање, а со специјалното возило „пајак“ подигнати се 52 возила.
На црвено светло поминале двајца возачи и тројца пешаци.