Високо нутритивна, а ниско калорична мешунка
Таа претставува една од најстарите одгледувани култури. Воедно, оваа мешунка се вбројува во најгусто-нутритивните храни што постојат, односно содржи нешто под 30 калории во 100g, а од друга страна е навистина богат извор на низа микронутриенти, како железо, калиум, магнезиум, калциум, витамин А, К, Ц итн. На 100g таа воопшто речиси не содржи масти, содржи околу 2g протеини и импресивни 3,4g растителни влакна. Таа има слична хранлива вредност како бамјата и грашокот.
Постојат над 130 видови боранија, во различни бои (зелена, бледожолта, виолетова, црвенкаста и со шарени траги) и облици. Најчесто се култивира на далечниот исток, но се одгледува и кај нас во Македонија. Најзастапени се видовите лоди, нерина, италијанска и кинеска боранија.
Може често да се сретне во домашната кујна во различни рецепти, а низ маркетите може да се најде и во конзерва и замрзната форма.
Боранијата е особено здрава мешунка која дефинитивно треба многу често да биде пристуна на трпезата, особено периодов кога и е сезоната.
Во продолжение ќе ви издвоиме два рецепти за различни салати од боранија кои се одлични како прилог или како опција за вечера.
Боранија на медитерански начин
За подготовка на овој рецепт потребни ќе ви бидат околу 25-30 минути, а истиот е доволен за 4-6 порции.
Потребни состојки:
Околу 400g боранија, исчистена
1-2 свежи домати, исецкани
Неколку каламата маслинки (или било каков друг тип на маслинка)
Неколку коцкички леб – брускети
Малку оригано, сол и бибер
Маслиново масло
Сенф
Малку балсамико оцет
50g фета сирење
Начин на подготовка:
Во голем сад, ставете ги боранијата, доматите, маслинките и брускетите. Пропрскајте ги со маслиново масло, додадете оригано и сол. Промешајте.
Поставете ја ваквата смеса во тавче кое има хартија за печење.
Ставете ги зеленчуците во рерна, загреана на 190℃ и печете 15-20 минути.
Во меѓувреме направете го сосот. Во мал сад измешајте го сенфот, балсамико оцетот и малку маслиново масло. Додадете малку сол и црн бибер.
Испечените зеленчуци ставете ги во сад и кон нив додадете го сосот. Промешајте и потоа додадете го фета сирењето. Послужете додека е топло во комбинација со интегрален ориз или парчиња интегрален леб.
Летна, свежа салата од боранија
Потребни состојки:
500g боранија, исчистена
Сол, бибер и мелен црвен пипер
Фета сирење или урда
Неколку маслинки, со отстранети семки и исецкани
За преливот:
Ладно цедено маслиново масло
Сок од лимон
1-2 чешниња лук, испасирани
Малку свеж копар или магдонос
Малку лут црвен пипер
Сол и бибер
Начин на подготовка:
Во мал сад измешајте ги состојките за преливот.
Наполнете големо тенџере со вода. Ставете ја на оган и почекајте да проврие. Додадете ја боранијата и гответе ја околу 5 минути. Потоа со помала рачна цедалка, извадете ја боранијата и брзо ставете ја под ладна вода. Оставете ја во ладната вода околу 5 минути, на тој начин ќе ја спречите промената на бојата на боранијата од светло зелена во потемно зелена, па дури и кафеава. По петте минути во ладна вода, повторно ставете ја боранијата во зовриената вода и варете ја дополнителни 10 минути.
Префрлете ја ваквата топла боранија во сад, посолете и додадете малце бибер. Кон неа додадете го преливот и фино промешајте. Потоа додадете ги исецканите маслинки и фета сирење.
Послужете со парчиња интегрален леб.