Два месеци стара фирма добила тендер од ЕСМ со „жими мајка“ уверување дека има 330 работници на лагер?

Комисијата за жалби по јавни набавки ги одби сите приговори на трите оператори конкуренти кои учествувале на огласот за технолошко чистење на РЕК Битола, откако ЕСМ претходно донесе одлука да ја прифати понудата на фирма која била регистрирана на два месеци пред објавувањето на повикот во вредност од 2,5 милиони евра.

На 2 јули Комисијата за жалби по јавни набавки како посебен државен орган ги одбила приговорите на „Озонвеј“, „Шајбер Логистик“ и „Зимак“, сите од Битола. како неосновани. Според комисијата, немало ништо спорно во понудата на новајлијата „Техно Коп Плус“ од Битола.

Фирмата е регистрирана на 17 март 2025, а само по два месеци земала учество во огласот за рамковна спогодба за технолошко чистење за отпепелување на термоблоковите на РЕК Битола. Сопственик е извесен Јове Чашитовски од Битола. Потоа следувала одлука за избор на овој оператор на 18 јуни, а договорот уште не е објавен поради тековната жалбена постапка.

Според конкурентите, како што навеле во своите жалби, „Техно Коп Плус“ дал лажна изјава дека ја има потребната кадровска екипираност од 330 вработени и потребната опрема за чистење. При тоа, од тендерската комисија на ЕСМ воопшто не побарале докази дека новоформираното друштво ги исполнува овие услови. Освен тоа, „Техно Коп Плус“ понудил невообичаено ниска цена во однос на сите останати шест конкуренти кои се пријавиле на повикот.

Токму на денот на донесувањето на одлуката следуваше информација дека најголемиот производител на струја – РЕК Битола е надвор од мрежата поради сомнителен пожар. Опозицијата, но и некои медиуми, тогаш реагираа дека пожарот настанал токму поради тоа што ЕСМ немала избрано професионална фирма за технолошко чистење.

„Во врска со континуираните дрски и лажни обвинувања од СДСМ – уништувачите на македонскиот енергетски систем, ја информираме јавноста дека „Техно Коп Плус“ ДООЕЛ Битола е избраната Компанија за технолошко чистење, откако ги исполнила сите наведени критериуми по Јавниот повик. Овој понудувач, понудил за 30% пониска цена од досегашната. Иако одлуката е донесена, договорот сè уште не е потпишан поради тековната жалбена постапка и истиот ќе биде склучен по истекот на овој период. Во однос на испадот на Блок 2 од мрежата, сакаме повторно да нагласиме дека немаше хаварија, туку извесно е дека ни се случи саботажа. Целиот настан во моментов е предмет на истрага од надлежните институции“, реагираа тогаш од АД ЕСМ.

 

Извор: Фактор

Пронајдете не на следниве мрежи: