Две дози вакцина или негативен тест – виза за грчките плажи

Со сертификатот за вакцинација кој ќе го издаваат македонските здравствени власти по две примени дози од вакцината против ковид-19, ќе може да патувате не само во Грција, туку и во сите земји од регионот, Европската Унија и во светот, потврдуваат извори во Министерството за здравство.Насоките за изработка на овој сертификат се од Европската здравствена мрежа на Европската комисија, каде предвидоа сет на податоци кои ги содржи кодот, односно тој сертификат – име и презиме, датум на вакцинација и ревакцинација, тип на вакцина и дигитален печат од Министерството за здравство. Сертификатот го прилагодуваме по препораките на ЕУ за непречено патување на нашите граѓани. Сепак ЕУ уште нема конечна одлука за тоа како ќе се патува и истата е најавена за јуни, но од Унијата издадоа препораки, по кои ние се придржувавме.Министерството за здравство одблиску ги следи одлуките на сите земји и ќе обезеди важечки сертификати за патување на нашите граѓани”, велат од Министерството.
Вакциналниот сертификат ќе им биде издаван на сите граѓани што целосно се вакцинирани, односно на оние кои се имунизирале со две дози вакцина против ковид-19. Сите граѓани што досега се вакцинирале со две дози од која било вакцина изминатиот период, исто така ќе добијат вакцинален сертификат ретроактивно. Ако граѓаните не се вакцинирани, а сакаат да влезат во Грција или во другите земји во ЕУ, ќе мора да направат ПЦР-тест во една од дваесетте референтни лаборатории за кои посебна комисија од Министерството за здравство утврдила дека работат според соодветни стандарди.
Овие лаборатории се Институтот за јавно здравје, Вирусологија, центрите за јавно здравје во Скопје и во Битола, Инфективната клиника, Одделението за патологија и судска медицина, Институт за респираторни заболувања кај деца Козле, Пулмологија, ГОБ „8 Септември“, Микробиологија, МАНУ, Гинекологија, „Жан Митрев“, болницата „Плодност“ во Битола и лабораториите Авицена, Биотек, Систина, Лаор, Синлаб, Ремедика и Генеа.
Вакциналниот сертификат ќе содржи единствен бар код кој ќе биде препознаван на граничните премини било да се работи за патување во копнен или по воздушен пат. Моментално граѓаните кои патуваат во земјите од Европската Унија мора да приложат негативен ПЦР тест, направен во една од дваесетте референтни лаборатории кои што се внесени и во царинскиот систем на земјава, како и во системите на земјите на ЕУ.


Покрај доказ за вакцинација или негативен тест за ПЦР, секој што патува во Грција мора да има и пополнет формулар ПЛФ. Патниците треба да го пополнат овој образец најмалку 24 часа пред почетокот на патувањето. По пополнувањето, документот веднаш пристигнува на вашата мејл- адреса, во форма на код, кој секој патник има обврска да го покаже за време на царинската контрола на неговиот мобилен телефон или отпечатен на хартија. Формуларот можете да го пополните преку страницата travel.gov.gr. Ако патувате со авион, треба да го наведете името на авиокомпанијата и бројот на летот и локацијата за влез во земјата.
Според последните најави на грчкиот министер за туризам, сезоната во Грција се очекува да почне на 14 мај 2021 година. За да се влезе во Грција, македонскиот граѓанин мора да приложи или сертификат за вакцинација против ковид-19, или сертификат за антитела на ковид-19 или негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа пред патувањето. Луѓето кои се вакцинирани ќе имаат дозвола да влезат во земјата без негативен тест и нема да бидат обврзани на карантин. Сепак, како и во 2020 година, луѓето што влегуваат во Грција ќе продолжат да бидат тестирани со брзи тестови по случаен избор, чии резултати се достапни за неколку минути. Во случај на позитивен наод, лицето ќе биде спроведено во објекти наменети за изолација и сите трошоци ќе бидат покриени од грчката влада.
ПЦР-тест за влез во Србија за македонски државјани моментно не се бара, но за влез во Албанија до 3 мај ќе мора да одат во 14-дневен карантин.
Во Србија ревакцинација со „Астра-Зенека“ за помлади од 60 години
На ниво на Европа уште не е утврдено како ќе се издава вакцинална потврда за тие што ја примија првата доза од производителот „Астра-Зенека“, со оглед на тоа што во некои земји нејзината употреба стопираше за ревакцинација, поради претпазливост по неколку ретки случаи на тромботична реакција кај помладите.
Во земјава вакцината „Астра-Зенека“ се дава само на повозрасни од 60 години. Што се однесува на десетте илјади граѓани кои што првата доза од „Астра-Зенека“ ја примија во Србија, за нив ревакцинација во Македонија нема да има, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.