Две лица се приведени под сомнение за помагање во вчерашниот обид за атентат врз градоначалникот на Арачиново, објави телевизија Сител.
Извори од МВР велат дека полицијата се уште е на терен и се прават напори да се идентификува и приведе напаѓачот кој вчера со автоматска пушка отвори оган врз Ридван Ибраими, кој доаѓа од редовите на ДУИ.
Тој својот мандат нема да го памети по добро бидејќи откако стана градоначалник ова е трет пат полицијата да добие пријава дека бил нападнат. Лани пријавил дека му се заканувал 69 годишен арачиновец, а во 2022 бил физички нападнат од неколку лица кои како што и кажал на полицијата ги предводел член на семејството на поранешниот градоначалник на Арачиново и прв човек на огранокот на ДУИ во оваа општина Брахим Ајвази.
Иако мотивите за последниот напад се уште официјално не се познати, во медиумите веќе се шпекулира дека станува збор за внатрепартиска пресметка во ДУИ, позиција која Ахмети денеска не беше многу расположен да ја коментира.