Две лица се приведени за пукањето во Арачиново, по напаѓачот сè уште се трага


Информацијата попладнето ја пренесе телевизија Сител, но официјална потврда од Министерството за внатрешни работи сè уште нема

Илустративна фотографија / ФОТО: Архива

Две лица се приведени под сомнение за помагање на вчерашниот вооружен напад врз градоначалникот на Арачиново, јави попладнево телевизија Сител. 

„360 степени“ побара потврда за оваа информација од Министерството за внатрешни работи, но до објавување на оваа вест одговорот не стигна.

Денеска од Јавното обвинителство информираа дека полицијата сè уште трага по напаѓачот што вчера попладне во скопско Арачиново со автоматска пушка пукаше кон градоначалникот на Општината, Ридван Ибраими, и кон уште неколку лица, притоа ранувајќи двајца.

Во вчерашниот инцидент, кој се случил на влезот на селото Арачиново, ранети се две лица кои за време на престрелката биле заедно со градоначалникот на општината. Ибраими не е меѓу повредените.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за МИА информира дека во престрелката е повреден возачот на градоначалникот Ибраими, а оти е пукано и кон лице вработено во Општината.

Двајцата повредени, едниот со прострелни рани во градниот кош, а другиот во десното рамо, се пренесени на натамошно лекување во Ургентниот центар во Скопје и во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: