Двомесечно бебе од Битола е позитивно на КОВИД-19, а се заразило од бабата која живее во друг град. Бебето е со лесна клиничка слика и е под надзор на матичниот педијатар, информираат од Министерство за здравство.
Исто така, позитивна на вирусот е и мајката на бебето. Ова досега е најмладиот пациент во Битола заболен од КОВИД-19. Во август, позитивно беше и тримесечно бебе, а во моментот болеста е во тек и кај тригодишно дете.
Во Битола од почетокот на пандемијата до денес 388 лица се заразиле од вирусот, а болеста е во тек кај 105 битолчани. Починале 13 лица.
Иако Битола е еден од градовите каде нема високи бројки на заболени, сепак во последната недела има пораст, а вчера е регистриран дневниот рекорд од 12 позитивни.