Двојно државјанство да немаат и претседателот на државата и министрите, смета Сиљановска-Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја поддржува идејата пратениците да немаат двојно државјанство, но смета дека тоа треба да важи и за претседателот на државата и за министрите во Владата.
– Постои можност, по мене, за ограничување на двојното државјанство. Таква можност веќе дава Законот за надворешните работи и се однесува на амбасадорите. Исто така, кога зборуваме за носители на функции, кои се важни за безбедноста на државата, на пример, за директорот на АНБ, не се дозволува двојно државјанство. Значи, со некој матичен закон може да се ограничи двојното државјанство за други носители на функции. Инаку, јас мислам дека треба да се однесува и на претседателот на државата и на министритре. Закон за Владата има. Таму може да се воспостави ова решение. Закон за претседател нема, тоа е во Уставот, но ова ограничување треба да важи и за претседателот, смета Сиљаноска-Давкова.
         Во изјава дадена денеска, претседателката говори и за укинувањето на Пржинската влада која според неа треба да се укине.
– За мене, измените на Законот за Владата, што се однесуваат на техничката влада, и тогаш и сега се неуставни. Имено, во самиот законски текст има одредба дека техничката влада ќе функционира во 2016 година. Ние го продолживме нејзиното функционирање. Се разбира дека има технички влади во светот, но не од ваков тип. Техничките влади се влади на експерти, на бирократи за да гарантираат фер и демократски избори. Суштината на измените на нашиот Закон за Владата во однос на техничката влада, всушност, значат нетехничко функционирање бидејќи политичари не може технички да функционираат, туку политички влади како гаранција дека ќе се овозможат фер и демократски избори, рече Сиљановска-Давкова.

Пронајдете не на следниве мрежи: